Советничката од Левица, Маја Никодиновска, на последната седница на Советот на Општина Гази Баба реагираше и побара одговор зошто со предложената одлука се бришат средства предвидени за детектори за пожар во општински објекти, меѓу кои и во основните училишта и градинките!
„Ништо ли не нè научи Кочани?“, праша Никодиновска и побара точката да биде ставена на поименично гласање, за јавно да биде евидентиран гласот на секој советник кој гласал за ваква катастрофална одлука.
Дополнително, Никодиновска реагираше што на седницата немаше надлежно лице кое воопшто ќе даде образложение за предложеното кратење и ќе одговори на прашањата на советниците за противпожарната заштита во објектите.
“Ова е само една од дискусиите што ѝ претходеа на подоцнежната закана за ликвидација од страна на градоначалникот-силеџија Бобан Стефковски кон Никодиновска. Во текот на седницата таа отвори повеќе прашања за работата и одлуките на Општината и бараше одговорност од локалната власт”, соопштија од Левица.


