Денеска во Градскиот парк во Скопје, кај Школка, ќе се одржи „Розов пикник појадок“, настан посветен за поддршката на жените кои се соочуваат со рак на дојка, под слоганот „Крилјата различни. Борбата лична. Поддршката заедничка“.
Од ХЕМАОНКО, организатор на настанот, порачаа дека за присуство на Розовиот Пикник Појадок не ви треба многу, само желба за дружење, добра енергија и отворено срце. Облечи се во розово! Земи пријателка, мајка или сестра! Донеси добро расположение и спакувај поддршка од срце.
„Заедно можеме да подигнеме свест, да дадеме поддршка и да направиме чекор кон помалку заболени и подобар квалитет на живот за оние кои се соочуваат со ракот на дојка. Сакаме да им покажеме дека не се сами, заедно сме посилни и можеме многу повеќе. Силни сме кога сме заедно. Иако секоја борба е лична и единствена, таа станува полесна кога се споделува со некој што разбира и чекори по истиот пат“.
„Розов пикник појадок“ има и цел да ја подигне свеста за значењето на редовните превентивни прегледи, препознавањето на симптомите и навременото откривање на ракот на дојка.
Со богата, инспиративна и емотивна програма, ќе бидат добредојдени сите поддржувачи, без разлика на возраста и полот, кои сакаат да дадат свој придонес кон оваа важна заедничка мисија.
Настанот го организираат ХЕМА-ОНКО, здружение посветено на поддршка на пациентите со рак и нивните негуватели, и „Медикус Хелп“.


