Нимиц на средби со Заев, Димитров, Ахмети, со Груевски непотврдено

Сподели

По средбите со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и претседателот Ѓорге Иванов, медијаторот Метју Нимиц се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, што е прв чекор кон вклучување на ДУИ во процесот на решавање на спорот за името.

Нимиц средбата ја оцени како многу добра, опишувајќи го Ахмети како политичар со голема мудрост за состојбата во земјата и со големо знаење за спорот за името.

Ахмети го охрабрил Нимиц да продолжи со преговорите за името, затоа што смета дека спорот треба да се реши и притоа му дал, како што рече медијаторот, мудри размисли како да се направи прогрес.
Ахмети истакна дека Македонија бара добро решение за проблемот, дека Албанците се дел од оваа држава, дека не биле индефирентни кон спорот и затоа таму каде што треба ќе дадат придонес.

Тој го уверувал Нимиц дека ДУИ ќе направи се што поскоро да се најде компромисно решение за спорот. Според Ахмети, прашањето е многу значајно, а трае веќе 20 години. Посетата на Нимиц, рече Ахмети, е порака и до сите граѓани дека прашањето е на значајно место на агендата, но од сите политички актери зависи како ќе успее да се материјализира преговарачкиот напор на медијаторот.

Според агенцијата Макфакс, утрово, експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одбил да се сретне со Нимиц. Неофицијално, во опозициската партија немало расположение за средба со медијаторот.

Новата влада најави нов пристап во решавањето на билатералните проблеми со соседите. Првата посета на шефот на дипломатијата по преземањето на функцијата беше токму на Атина, а потоа следуваше и посета на владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев на Бугарија. Надежта е дека на тој начин може повторно да се придвижи процесот на прием во НАТО- кој Грција го блокира од 2008 година, како и почетокот на преговорите со ЕУ- на што вето става и Бугарија.