Вести Македонија Ударни вести

Нови дневни центри за деца со попреченост во Карпош и во Тетово

Сподели:

 

Министерството за труд и социјална политика склучи договори за соработка со општините Гази Баба, Карпош и Тетово, кои предвидуваат отворање на два нови дневни центри за деца со попреченост, како и советувалиште за деца и семејства во ризик и за деца со попреченост.

Соработката ќе се одвива во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска Банка. Со ова бројот на општини во кои се нудат социјални услуги финансирани во рамки на проектот се проширува на 26, а бројот на корисници се зголемува на над 1040 корисници.

Во Општина Карпош 32 деца со попреченост, од кои 16 деца на возраст од 2 до 5 години и 16 деца на возраст од 6 до 10 години ќе имаат можност да престојуваат во Дневниот престој на деца со попреченост, каде давател на услугата ќе биде македонското Монтесори здружение.

Преку примена на Монтесори методот и современите терапевтски техники ќе биде обезбедена стручна помош и поддршка преку индивидуален  и групен третман и психо-социјална поддршка за децата и нивните семејства. Тоа подразбира интензивна поддршка врз индивидуалните потреби на детето.

Во Општината Гази Баба давател на услугата „советување“ ќе биде СОС „Детско село“, а ќе бидат опфатени 80 членови на семејства во социјален ризик. Стручните тимови ќе работат на подобрување на социјалните и комуникациските вештини на децата помеѓу врсниците, нивната самодоверба и самопочит, препознавање на чувствата и техники на справување.

За да се намалат конфликтите и насилството во семејствата давателите на услугите ќе работат и на подобрување на родителските вештини и на комуникацијата меѓу членовите на семејствата, се со цел  зајакнување на семејствата во социјален ризик.

Во Општина Тетово исто така ќе се формира дневен престој за лица со попреченост, во кој ќе имаат можност да престојуваат 30 деца со попреченост. Давател на оваа услуга ќе биде НВО ИМАГО ПЛУС.

Стручен тим составен од специјален рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт ќе  ја обезбедува услугата индивидуален и групен третман, според претходна проценка на потребите на децата со попреченост. Во Дневниот престој, децата ќе имаат можност да ги развијат секојдневните животни вештини, (навики за исхрана, хигиена, здравје), но и други активности како што се воспитни, социјални, културни и рекреативни за да можат децата со интелектуална попреченост полесно да се вклучат во редовниот образовен систем.

Услугата во Дневниот центар предвидува, групна, индивидуална  и окупациска терапија за деца со попреченост, а покрај социјалните услуги со децата предвидена е и паралелна работа  советување, работилници и други активности и со родителите.

Рокот за спроведување на проектите е 18 месеци од кои пет месеци за воспоставување и 12 месеци за испорака на услугата.

Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, за што во изминатиот период  континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.

Сподели: