Нуклеарната централа во Чернобил е целосно отсечена од енергетската мрежа

Сподели

 

Нуклеарната централа Чернобил е целосно отсечена од енергетската мрежа и нејзините безбедносни системи не работат, објави денеска операторот „Укренерго“.

„Поради воените дејствија на руските окупатори, нуклеарната централа Чернобил беше целосно исклучена од електричната мрежа. Нуклеарната централа нема струја. Воените акции се во тек, така што нема можност за обнова на линиите“, се вели во соопштението на Укренерго, а пренесува Интерфакс-Украина.

Прекинот на струја, како што соопшти „Укренерго“ може да предизвика истекување на радиоактивни материи бидејќи не работи системот за ладење на истрошеното нуклеарно гориво.

Властите во Украина не ги знаат нивоата на радијација во нуклеарната централа Чернобил, бидејќи немаат информации што се случува таму откако беше окупирана од руски војници, изјави денеска министерот за енергетика Херман Халушченко. Тој рече и дека Украина исто така нема контрола врз она што се случува во окупираната нуклеарна централа Запорожје, каде, како што вели, се стационирани 400 руски војници.

Украинската државна нуклеарна компанија предупреди дека од затворената нуклеарна централа во Чернобил може да се испуштат радиоактивни материи, бидејќи таа не може да го лади потрошеното нуклеарно гориво по прекинот на струја, пренесе  Ал Џезира.