Обама: Ал Каеда ја изгуби силата, а ДЕАШ над половина територија

Сподели

obama

ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, изјави дека САД водат ефикасна стратегија за борба против тероризмот и порача оти е неразумен потегот војската да се ангажира за решавање на проблемите на другиот крај на светот, јавува Anadolu Agency (AA).

По осум години поминати во Белата куќа, Обама на 20 јануари 2017 година функцијата претседател ќе му ја отстапи на новоизбраниот Доналд Трамп, а последното обраќање до јавноста на темата национална безбедност го одржа во командата на специјалните воени операции во градот Тампа, Флорида.

Обама истакна дека терористичките и радикалните групи никогаш не престанале да го планираат изведувањето на терористичките напади на САД, и дека неговата администрација водела ефикасна борба за спречување на терористите и нивните накани.

„Ниту една странска терористичка организација не успеала успешно да испланира и да изведе ваков напад во САД во изминатите осум години. Не е дека не се обидуваа, туку нивните планови се нарушени. Терористите беа убивани на боиштата. Успеавме во сето тоа паралелно со повлекувањето на речиси 180.000 наши војници од опасните региони на Ирак и Авганистан“, изјави Обама.

Обама рече дека Вашингтон успеал да стекне и нови сојузници во борбата против тероризмот и да формира мултинационални коалиции коишто се ефикасни во таа борба.

„Примери за успех во борбата против тероризмот се поразот и губењето на моќта на Ал Каеда, како и слабеењето на ДЕАШ, кој изгуби повеќе од половина од територијата што ја контролираше во Ирак и во Сирија“, изјави Обама.

Тој нагласи дека никогаш не смее да се покаже двоумење во реакцијата доколку се појави каква било закана кон американскиот народ, и дека американската војска е способна за сите задачи што ѝ се доделени.

„Ние сме најсилна воена сила на светот и тоа така треба да остане. Уверен сум дека не треба да се двоумиме да реагираме на заканите на нашиот народ, вклучувајќи и самостојни чекори. Меѓутоа, се држам до тврдењата дека неразумно е да ја ангажираме својата војска за решавање на проблемите на другите краеви на светот. Во тој контекст, треба да продолжиме да ги уверуваме нашите партнери дека се должни да ги извршуваат своите обврски на тие терени. Треба да ги зајакнеме нашите партнери за да градиме траен мир“, изјави Обама.