Вести

Обама: Масакрот во Орландо е чин на терор и на омраза

Сподели:

4097699785-073813177e-b-860x680

Американскиот претседател, Барак Обама, го осуди најголемиот масакр во современата историја на САД, во кој 50 луѓе беа убиени во клуб за хомосексуалци во Орландо на Флорида, нарекувајќи го чин на терор и на омраза.

– Сега знам доволно за да можеме да кажеме дека тоа е чин на терор и на омраза. Но, никаков акт на терор и на омраза не може да го промени она што сме – изјави американскиот претседател Барак Обама, во кусата изјава која директно беше пренесувана од Белата куќа.

Нападот за кој е осомничен 29-годишниот Американец од авганистанско потекло, Омар Садик Матин, за кој џихадистичката сунитска организација Исламска држава ја презеде одговорноста, нарекувајќи го Матин свој борец, се случи во време кога во САД се заострува реториката во однос на прашањата за хомосексуалците и за муслиманите, во прв ред поради претседателската трка.

Кандидатот на Републиканската партија, милијардерот Доналд Трамп, кој по низата исламистички напади во Европа и во САД предизвика бурни дебати со идејата на муслиманите привремено да им се забрани влез на американска територија, по нападот во Орландо порача дека бил во право во врска со радикалниот исламистички тероризам.

Трамп побара оставка од претседателот Обама доколку не сака да го користи терминот радикален исламски тероризам, кој често го употребува американката десница. Обама, пак, одбива да ја употреби оваа терминологија, со образложение дека со тоа би стигматизирал цела една заедница.

Обама оцени дека Федералното истражно биро (ФБИ) постапило исправно што ја почна истрагата за тероризам, иако мотивите на убиецот сè уште не се целосно јасни.

Напаѓачот Матин, роден во Њујорк, кој во последниот период живеел на Флорида, дејствувал сам и е застрелан во престрелката со полицијата по тричасовната заложничка драма во ноќниот клуб во центарот на Орландо.

Според сознанијата на американските телевизиски мрежи „Си-ен-ен“ и „Ен-би-си њуз“, Матин, наводно, изразил лојалност на Исламската држава во текот на повикот до бројот на службата за итни ситуации. Новинската агенција „Амак“, тесно поврзана со џихадистите, исто така, тврди дека тој е борец на Исламска држава. Претходно, на повеќе твитер-профили што ги користат исламските радикали беше објавена негова фотографија со потврда дека тој е извршителот на масакрот во Орландо.

Според последните информации во медиумите во САД, бројот на жртвите се движи меѓу 49 и 53, а има речиси стотина ранети и повредени. Поради овој напад, министерот за внатрешна безбедност на САД, Џек Џонсон, и минстерката за правда, Лорета Линч, го откажаа учеството на министерската седница предвидена во Пекинг.

http://meta.mk/obama-masakrot-vo-orlando-e-chin-na-teror-i-na-omraza/

Сподели: