Вести Македонија Ударни вести

Обезбеден е буџет од 105 милиони денари за заштитата на културното наследство

Сподели:

 

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче, Кумановско по долго години заборавеност ќе добие пари од државата за заштита на архитектурата и иконите. Министерството за култура за проекти од национален интерес во областа на недвижно културно наследство во 2021 година во програмата културно наследство во опасност, одвои еден милион денари за превентивни интервенции на архитектурата и ѕидното сликарство на црквата и на камбанаријата на црквата Успение на Пресвета Богородица.

 

 

Работите ќе ги извршува Националниот конзерваторски центар од Скопје.

Црквата во Матејче е еден од најзначајните објекти во Македонија и ваква грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. Меѓутоа, црквата се ноаѓа во очајна состојба откако во неа беше сместен штабот на УЧК во 2001 година. Во воениот конфликт голем дел од црквата беше уништен, фреските оштетени, а одмаралиштето разурнато и запалено.

По завршување на конфликтот направена е сериозна конзервација и црквата е доведена во состојба во којашто можеше да функционира, меѓутоа нејзиното уништување продолжи и понатаму. Вандали постојано ги кршат влезните врати и прозорците, а поради запоставеноста и неодржување се оштети кровот, па атмофереските влијанија доплнително го уништуваат фрескоживописот и внатрешноста на објектот.

Министерката за култура Ирена Стефоска, по доаѓањето на функцијата во септември минатата година, кажа дека заштитата на културното наследство ќе биде нејзин врвен приоритет и макотрпно ќе работи на раскрстување со вандалскиот однос кон нашето наследство „бидејќи таквиот однос кон него, сите нѐ носи во пропаст“.

 

 

За конзервација и реставрација на прва фаза архитектура и конструкција, и втора фаза како културно наследство во опасност, црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново ќе добие три милиони денари.Ќе бидат вложени уште 20.000 денари за изработка на елаборат за ревалоризација на црквата.

Тоа се најмногу пари од областа на културата во Битолско-Преспанскиот Регион што државата ќе ги вложи за заштита на бесценетиот културно-историски споменик познат и како македонската „Мона Лиза“ по ѕидното сликарство, кој е на прелиминарната листа на УНЕСКО.

Покрај Курбиново, половина милион денари ќе завршат, исто така, во Преспанскиот Регион, овој пат за конзерваторски-реставраторски интервенции на архитектура и конструктивна консолидација на црквата „Св. Петар“ на островот Голем Град на Преспанско Езеро, која датира од 14.век, а ќе се изготви и проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство. Ќе се заштитува и црквата „Света Петка“ во Брајчино, ѕидното сликарство во црквата „Св. Димитрија“ во село Гардешница, Мариово, заштита на црквата „Свети Сотир“ во Гопеш, археолошки истражувања во Слепченскиот манастир, конзерваторски проeкти за ентериерот во Јени џамија.

Оваа година,  најмногу државни пари од областа на културата во Битолско-Преспанскиот Регион ќе бидат искористени за заштита на недвижното културно наследство. Министерството за култура со 8.260 000 денари ќе поддржи 18 проекти на Завод и Музеј Битола од кои се предвидуваа дополнителна заштита на објекти од културно-историско значење.

 
Сподели: