Објавена листа колку плата земаат и колкав стаж имаат премиерот и министрите во Владата

Сподели

 

Владата ги објави платите исплатени во декември 2020 година на премиерот, неговите заменици и министрите.

Според објавеното, најголема плата зема премиерот Зоран Заев (87.813 денари), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со 85.113 денари вкупна нето плата. На третото место се најде министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со 74.273 денари.

Министерката за образование и наука Мила Царовска во декември земала вкупна нето плата во износ од 67.537 денари, додека министерката за култура Ирена Стефоска 72.670 денари.

Најголем стаж од сите има министерката Шахпаска (28 години), потоа следува Радмила Шекеринска со 24 години стаж, а по неа Стефоска со 23. Премиерот има 22 години работен стаж. Царовска има вкупно 7 години стаж.

Плати над 70.000 денари земаа вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби (70.102 денари), вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи (71.385 денари), вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров (71.385 денари), министерот за надворешни работи Бујар Османи (70.102 денари) и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски  (70.102 денари).

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини има само една година работен стаж, додека тоа поле кај министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири е празно.