Обвинителството да отвори истрага за унгарскиот кредит и во Македонија

Сподели:

Денешната прес-конференција е посветена на една многу актуелна тема: Граѓаните треба да знаат дека Унгарија и официјално отвори истрага за кредитот од цела една милијарда евра, што го договори Мицкоски и неговата Влада со Унгарија и со пријателот Орбан, изјави Андреј Жерновски од СДСМ.

Освен со енормното покачување на јавниот долг, коешто е само по себе проблематично, овде веќе станува збор и за кредит којшто е преполн со сомнежи за криминал и, за жал, за незаконски постапки. Според објавените информации, унгарското национално истражно биро има одземено илјадници страници документација поврзана со работењето на Ексимбанк.
Еден од аспектите коишто се сомнителни и за коишто многу пати зборувавме и потенциравме, во јавноста го отворавме тоа прашање, а тоа е потеклото на парите. Дали се тоа парите коишто се дојдени од Кина, коишто непосредно претходно, пред да го добиеме кредитот како држава, се земени од страна на Унгарија, од Кина?

Сега сите знаат дека Владата на Мицкоски е под меѓународна истрага за унгарскиот кредит. За жал, тоа е имиџот којшто денес ќе го има нашата држава. И потоа ќе слушнеме од него како нè повикува со тезата позната: „Ајде да зборуваме за убавите работи“. Не. Да, би сакале ние, ама не можеме. Ние ќе зборуваме за вистината. А таа, не само што не е розова, туку, богами, има и сериозни криминални елементи.

Нашите стратешки партнери од Европската Унија и САД многу добро знаат дека изминатите две години во нашата држава влегува сериозна количина на кинески пари. Сега, со оваа истрага, сето се потврдува. Меѓутоа, тука не запираат. Погледнете ги активностите на неговиот омилен министер, на Стоилковиќ, којшто и понатаму продолжува да објавува среќен, радосен дека нашата држава разговара за нов влез на кинески средства.

СДСМ уште од самиот почеток на оваа фингирана приказна, зборуваше дека треба внимателно да го анализираме и да го разгледуваме ова успешно задолжување, бидејќи уште од самата рана фаза стана јасно дека овде има сериозни индиции за сосема други дејствија.

Ова е огромна сума на пари. До ден-денес ние не добивме одговор за тоа како е договорена зделката, кој ја договорил зделката, кои се провизиите, кои се скриените трошоци. Се разбира, и она што е многу битно, кое е потеклото на овие пари.

Затоа, македонските правосудни институции се должни веднаш да реагираат и да отворат истрага за овој предмет.
Тие мора да побараат информација од унгарските надлежни органи за целата состојба, да проверат што се случува и да ги проверат сите околности околу овие кредити. Договорите, потеклото на парите, текот на парите. Исто така, што е многу битно, каде завршија овие пари. Кои компании добија средства од овој кредит?

Македонското обвинителство не може да молчи. И затоа денес отворено бараме да отвори веднаш предмет за сето тоа што се случило со кинескиот кредит, бидејќи секое понатамошно молчење станува навистина сомнително. Не може една милијарда евра да бидат таен договор помеѓу Мицкоски и Орбан. Бидејќи оние што ќе го враќаат овој кредит, а тоа се граѓаните на нашата држава, имаат право да ја дознаат вистината.

Сподели: