Од август парното поскапува од 14,18 до 16,31%

Сподели

 

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски денеска соопшти дека цената на парното греење во најголемата топлинска мрежа во Скопје, од 1 август поскапува за 14,18%.

-За потрошувачките во железарското греење се зголемува за 15,58%, а за потрошувачите приклучени на мрежата Скопје-Север, цената на топлинската енергија се зголемува за 16,31%. Единствена причина за зголемувањето е драстичното зголемување на цената на природниот гас, која е за 10 пати повисока од цената во изминатиот период, информира Бислимовски на прес-конференција.

 

„Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите. Доколку не се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија за Скопје ќе мора да ја произведат топланите со користење на мазут. Тоа е многу неповолно од еколошки аспект, но и ризично доколку не се обезбедат потребните количини на мазут“, рече Бислимоски.

Тој посочи дека доколку ТЕ-ТО не работи и ако нема субвенции од државата, цената на парното би се зголемила за над 100 проценти, а скопјани би дишеле многу загаден воздух и би имале последици по здравјето. Бислимоски истакна дека цените на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија се проблем во сите земји во Европа, а природниот гас сега е десетина пати поскап отколку лани. Заради тоа, тиј апелираше до сите потрошувачи да штедат.

„Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу пет проценти“, рече Бислимоски.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска на скопјани им порача да не се грижат бидејќи топлинската енергија до домаќинствата ќе биде испорачана навреме. Битиќи нагласи дека Владата го задолжила Генералниот секретаријат да распише процедура избор на нов економски оператор на топлинска енергија, а според Законот за енергетика, дотогаш БЕГ мора да ги исполнува своите обврски.

„Дали нов оператор ќе биде ЕСМ или некој друг не можеме да прејудицираме. И Градот Скопје има своја компанија, која како и било која друга може да се јави на повикот. Во овој момент е важно процесот да заврши навреме, транспарентно и без никакви правни недоречености“, рече Битиќи.