Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Граѓаните преку пошта ќе ги добиваат изводите од матична евиденција

Сподели:

Управата за водење на матичните книги информира дека од денеска граѓаните на Скопје, а подоцна и на цела Македонија, ќе може да добиваат изводи од матична книга на родени и на венчани преку пошта.

Проектот за достава на изводите од матична евиденција на домашните адреси на граѓаните е во соработка помеѓу Управата за водење на матичните книги и „Македонска пошта“. За оваа цел, Управата за водење на матичните книги и „Македонска пошта“ склучија меморандум за соработка, кој подразбира достава на документите од матична евиденција на домашна адреса на граѓаните најдоцна до 72 часа од моментот на аплицирањето.

Од Управата наведуваат дека начинот на аплицирање е едноставен. Оттаму велат дека потребно е граѓанинот да ја посети веб-страницата на Управата www.uvmk.gov.mk или директно да пристапи на порталот https://e-portal.uvmk.gov.mk и преку посебен безбедносен систем, кој ja гарантира заштитата на личните податоци, да се регистрира и да го пополни електронски барањето. По успешно пополнето барање и уплата, ќе стигне нотификација на адресата на имејл за успешно обработено барање и времето на достава на изводот. Поштарот по информацијата на Управата за водење на матичните книги дека бараниот извод е готов, го подига од Управата и го доставува на домашна адреса на граѓанинот.

Овој проект на двете институции им овозможува на граѓаните едноставност за аплицирање, брзина и заштеда на време и пари, како и намалување на турканици пред шалтерите. Воедно, овој систем на добивање изводи од матичната евиденција е безбеден, личните податоци на граѓаните се максимално заштитени.
За доставувањето на изводот на домашна адреса до кое било место во Република Македонија покрај досегашните трошоци ќе бидат наплатени дополнителни 100 денари за поштенски услуги.

Она што граѓаните треба да знаат за ваквиот вид аплицирање е дека барањето за извод од матичната евиденција се поднесува лично или за своето малолетно дете, а примањето на изводот од матичната евиденција се врши со приложување документ за лична идентификација на подносителот на барањето.

За почеток оваа услуга ќе биде достапна само за граѓаните на град Скопје, а потоа и за граѓаните на другите градови низ Македонија, за што граѓаните дополнително ќе бидат информирани.

Како втора услуга што ја промовира денеска Управата за водење на матичните книги е услугата со која граѓаните преку порталот покрај барање за извод од матична книга на родените ќе може да поднесат и барање за Извод од матичната книга на венчаните.
Овој проект е дел од владината програма 3-6-9, која подразбира доближување на институциите до граѓаните во Република Македонија и надвор од неа.

Сподели: