ОД ЉУБОВ ДА НЕ КУРТУЛИШ – АНА БУНТЕСКА

Сподели

12805752_10209270288743018_2232641391372342936_n

Сите велеа “од арно да не куртулиш”
а само баба ми покојна знаеше да речи
“чупе, од љубов да не куртулиш”
а мене смешно
улава и млада
со главата во облаци
а облаците розови и шеќерни
та смешно ми беше
баба ми љубов ко спомнуваше
оти на неполни петнаесет
подбив се фаќа со стари луѓе
кога за сакање зборуваат
и така низ годините
дур и јас не подостарев
па сега себе се фаќам како изустувам
како молитва
како мантра
“од љубов, само од љубов да не се куртули”
од онаа кон себе чоек што мора да ја има
оти ако попат ја изгуби
исто е ко сенката да си ја оставил некаде
од онаа кон ближниот свој
за да го љуби ко сам себе што се сака
со сомилост и простување
од онаа која мора во себе да ја има
за во мир со себе и со светот е
за добрини да прави со чисто срце и ум
од онаа за чедото што од тебе ќе излези
оти оправање тука нема
за да го научиш чоек да биди
со своја глава да мисли
а мислите чисти ко солза да му се
оти таму ако работата ја згрешиш
таму назад веќе нема
а за дете, за дете најмногу боли
од онаа за оној карши
да, за чоекот спроти тебе
за оној срцето што ќе ти го одбери
а душата амин на срцето ќе му даде
оној со кој никогаш искавган не ќе си легниш
и кој пред да заспиеш ќе го бакнеш
па дури и ако ти иди да го искасаш од лутина по усни
за оној за кој знаеш дека здив дур испушташ до тебе ќе е
и силно раката ќе ти ја држи
како да на оној свет со тој стисок ќе се разбудиш
за полесно, за поарно и онаму да ти е
ех
баба ми убо велеше
“од љубов да не куртулиш”
оти знаеше дека без љубов ништо од луѓето не останува
ниту од светов нешто ќе остане
оти без неа само лушпи сме
ете затоа сега се’ почесто низ главата тоа ми минува
како молитва
како мантра
како да сакам иљачот за душава убо да се фати
и си мрморам небаре на стари години навистина поулавувам
“куртул да се нема, само од љубов куртул да немаме”