Oд понеделник, официјално почнува изборната кампања

Сподели

 

Од понеделник официјално почнува изборната кампања, која ќе трае до 15 октомври.

Партиите својата изборната програма ќе ја претставуваат во периодот од 23 септември до 15 октомври.

Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден вчера на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со Ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи.

Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции и за првпат на овие избори има голем дел независни кандидати.

За првпат годинава на денот на изборите ќе бидат применети терминали за отчитување на отпечаток од прст на гласачите за што од страна на претставници од германската фирма „Дермалог“ се спроведува едукација на членовите на избирачките одбори. Првите терминали веќе се пристигнати во земјава, а до 1 октомври треба да пристигнат и останатите.

Се уште трае и рокот за поднесување на барања за набљудување на изборите. Сите заинтересирани може да аплицираат до 6 октомври.

Избирачкиот список во којшто граѓаните имаа можност да извршат увид, согласно Роковникот на ДИК, треба да биде заклучен во петок, на 24 септември, а една недела подоцна, на 1 октомври да биде потпишан.

Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела. Поради Ковид-19, тие ќе се спроведат со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Ден пред одржувањето на изборите, ќе гласаат старите и изнемоштени лица и затворениците, како и лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19 и оние кои се во самоизолација.