Одбележување на 18.март – Светскиот ден на рециклирањето

Сподели

 

По повод Светскиот ден на рециклирањето, компанијата „Пакомак“ информира дека интересот за рециклирање во нашата земја е во постојан пораст. За правилно да се рециклира потребно е отпадот да се сортира пред да се фрли, да се научи што се рециклира, а што не и да се најде соодветниот контејнер за рециклирање.

Со цел зајакнување на отпадната инфраструктура за одложување на стакло, како еден од најделикатните рециклажни материјали, „Пакомак“ неодамна почна со имплементација на проектот „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“. Проектот истовремено е активен во Србија и Босна, додека во нашата земја го спроведуваат Германското друштво за регионална соработка (ГИЗ), „Пакомак“ и Заединицата на единици за локална самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС).

-Покрај тоа што лично нè радува дека се повеќе луѓе на нашите простори решаваат да го рециклираат домашниот отпад, мора да заклучиме и дека ова е чекор во вистинската насока кога е во прашање подигањето на колективната свест. Како продолжение на зголемениот интерес се реализираат и низа активности во рамки на овој проект, меѓу кои поставување соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во повеќе општини, спроведување кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото, и сето тоа со крајна цел зголемување на собраните количини на стакло и мотивирање на што повеќе луѓе да се приклучат кон овој процес, изјави Александра Караевска-Димовска, претставник од ГИЗ во проектот.

Од „Пакомак“ потсетуваат дека секој од посебните контејнери има различна боја за полесно граѓаните да го идентификувате типот на амбалажен отпад кој се фрла во него. Игло-контејнерите со зелена боја се наменети за стаклен отпад, жолтите правоаголни контејнери за пластика и лименки, додека во сините контејнери се одложуваат хартијата и картонот.