Сместување во Скопје за Суперкупот: Од 0 до 4.000 евра

Сподели

Одржувањето на Суперкупот во Скопје, на националната арена „Филип Втори“ – каде што силите ќе ги одмерат едни од најдобрите фудбалски клубови во светот, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, во кои играат голем број фудбалски ѕвезди – деновививе е тема број еден не само во Македонија, туку и во регионот и пошироко, пишува Anadolu Agency (AA).

Освен навивачката еуфорија што владее кај љубителите на фудбалот, во фокусот на домашната, но и на светската јавност се енормно високите цени за сместување во хотелите во Скопје, за време на одржување на Суперкупот.

Во тој контекст, доколку сакате за време на овој фудбалски спектакл да престојувате во Скопје и доколку пребарате на понудата на онлајн-сервисот за резервирање „Букинг“, ќе можете да видите дека најголем дел од хотелските сместувања веќе се распродаден. Само мал дел од нив пријавуваат по една до две слободни соби. Цените за сместување за една вечер, во периодот од 7 до 9 август се движат од 80, па сѐ до неверојатни 4.000 евра за едно ноќевање.

Најниски цени за сместување нудат хостелите и хотелите со две или три ѕвезди на периферијата на Скопје, а тие за еднокреветна соба нудат најниска цена од 80 евра. Од друга страна, на интернет-огласите можат да се најдат сместувачки капацитети дури до 4.000 евра, а тоа се најчесто луксузни хотели со 5 ѕвездички, во централното градско подрачје, кои се наоѓаат во близина на местото на одржување на Суперкупот.

– Граѓаните на Скопје нудат бесплатно сместување за Суперкупот

Енормно високите цени за сместување во Скопје за време на Суперкупот предизвикаа бројни реакции на домашната и на странската јавност, која негодува за ваквата ценовна политика на угостителите.

Поради ваквите околности, група млади ентузијасти од заедницата „WeTalkIT” креираа веб-платформа каде што македонски граѓани можат да понудат бесплатно сместување за странските навивачи за време на Суперкупот.

Платформата насловена SuperCupSkopje.com функционира со тоа што секој може да понуди сместување/кревет за фановите, преку едноставно логирање и објавување на детали за сместувањето.

„Ве повикуваме сите што сте во можност да понудите бесплатен престој, да кликнете на страницата и да го направите тоа. Ги повикуваме и сите што не можат да го направат тоа, а сакаат некако да ја поддржат иницијативата, да ја споделат веста со своите пријатели. Поради тоа што проектот е open source, сите девелопери кои сакаат да го подобрат сајтот се добредојдени да го направат тоа. Се надеваме дека ќе ја поправиме сликата за Скопје!“, соопштија од „WeTalkIT“ .

Со логирање преку „Facebook“ (Фејсбук) и испраќање имејл-порака, гостите директно ќе може да ги контактираат домаќините, по што тие ќе одлучат дали ќе ги прифатат гостите или не.

– И Градот Скопје апелира: хотелите да нудат поволни цени за Суперкупот на УЕФА

На заедничката прес-конференција со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која се одржа минатата седмица, каде што беше прикажано официјалното видео со коешто Скопје ги поканува туристите да дојдат за фудбалскиот спектакл, нудејќи вкусен ајвар, јако кафе и чај во Старата скопска чаршија, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, истакна дека Градот Скопје нема добиено официјална жалба бидејќи хотелите се приватни субјекти кои самите ги формираат цените на услугите, но како што рече тој, ова не е добро за имиџот.

„Ќе изгуби градот Скопје, самите хотелиери, но и Република Македонија, бидејќи имаме еден од најдобрите стадиони во потесниот регион. Затоа, ако не се претставиме на потребното ниво, од аспект на хотелиерство, се плашам дека во иднина можеме да изгубиме некоја спортска организација на европско, но и на светско ниво“, апелираше Трајановски и додаде дека високите цени можат да ги натераат странските навивачи да се сместат во Софија или во Солун.

Скопје на осми август ќе биде домаќин на двете најдобри европски екипи, победници во Лигата на шампионите и Лигата на Европа од минатата сезона, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Натпреварот ќе се одигра на националната арена „Филип Втори“, чиј капацитет е 34.000 седишта.