Одгласи во странство за 4. Балканскиот поетски камп за деца и млади “Ванчо Николески”

Сподели

 

Со импресивниот наслов, “Нивното учество е знак на нашата солидарност со народот на Украина во најтешките времиња од нејзината понова историја: Украинци на Четвртиот Балкански поетски камп за деца и млади”, етаблираниот украински електронски дневен весник “Мајдан”, донесува репортажа, илустрирана со неколку фотографии, за годинешното издание на Балканскиот поетски камп за деца и млади “Ванчо Николески”.

Весникот, во рубриката “Украина и Светот”, потсетува дека, од 25 до 28 август, во македонскиот град Охрид, се одржа Четвртиот поетски камп, посветен на Ванчо Николески, основоположникот на македонската литература за деца.

На настанот учествуваа познати и млади автори од Република Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Србија и Хрватска. Оваа година беше претставена и Украина. Учесници од украинска страна беа писателката, авторка на онлајн изданието „Мајдан“ и долгогодишна пријателка на нашата редакција Ана Багријана и нејзината ќерка Оксана Черњаева.

Весникот, кој за наслов извлекол една од пораките на претседателот Пендаровски, искажани во Посланието до учесниците, нагласува дека, “во својот поздравен говор до учесниците на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна:

„Сакам да го забележам фактот дека оваа година раководител на поетските работилници е Ана Багријана – украинска писателка, поетеса. , драматург и преведувач, поранешен секретар на Националниот сојуз на писателите на Украина за работа со млади од авторите. Нејзиното учество ја докажува нашата солидарност со народот на Украина во најтешките моменти од нејзината нова историја, а во исто време и историјата на цела Европа“.

Натаму, весникот потсетува, дека, Балканскиот поетски камп за деца и млади се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата на УНЕСКО (со седиште во Верона, Италија) и со финансиска поддршка на градоначалникот на Охрид.

Иницијатор и организатор на кампот е македонскиот писател и новинар Веле Митаноски, пишува весникот и додава:

-На овогодинешниот фестивал се приклучи Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Учесниците во текот на четири дена имаа можност да учествуваат на работилници за поезија и превод, да разговараат за различни литературни теми, да го посетат најголемиот и најстар светски поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“, како и родното село на писателот Ванчо Николески, Црвена Вода, потоа да го разгледаат Охрид, Вевчани и други историски и живописни места на Република Северна Македонија.

На крајот, авторката на репортажата Ана Багријана, потсетува дека Оксана Черњаева беше најмладата учесничка на собирот дека претставуваше две земји одеднаш – Бугарија и Украина. На отворањето на манифестацијата таа ги прочита нејзините песни на украински.

Учеството на Украина беше овозможено со помош на директорот на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Сашко Насев, пишува весникот “Мајдан”.