
Понекогаш најдобрата слика за едно општество не се добива од политичките говори, владините прес-конференции, економски показатели или ветувања за подобра иднина. Таа се гледа во секојдневието на обичниот човек. Во неговата сметка во продавница, во грижата за сопствена безбедност, во неизвесноста за неговите заштеди и во довербата, или се почесто отсуство на доверба кон институциите, пишува Томе Христов, дипломиран етнолог, ЛДП.
Ако се обидеме да ги поставиме едно до друго некои од актуелните општествени случувања, на прв поглед ќе забележиме теми кои немаат непосредна меѓусебна поврзаност. Студенски оброк од 140 денари, високите цени на основните производи, повторувањето на фемицидите и случаите на насилство врз жените, како и неизвесноста што ја отворија случувањата со Алта банка. Но, кога ќе се погледне малку подлабоко, овие појави имаат една заедничка точка – чувството на несигурност кое сѐ повеќе го определува животот на граѓанинот.
. Ако се обидеме да ги поставиме едно до друго некои од актуелните општествени случувања, на прв поглед ќе забележиме теми кои немаат непосредна меѓусебна поврзаност. Студенски оброк од 140 денари, високите цени на основните производи, повторувањето на фемицидите и случаите на насилство врз жените, како и неизвесноста што ја отворија случувањата со Алта банка. Но, кога ќе се погледне малку подлабоко, овие појави имаат една заедничка точка – чувството на несигурност кое сѐ повеќе го определува животот на граѓанинот.
Да започнеме од навидум најмалото, од 140 денари за студенскиот оброк. Можеби некој ќе рече дека станува збор за конкретна социјална мерка, за законски определен износ или за прашање на буџетски можности. Но вистинското прашање, е многу пошироко. Што значат 140 денари во услови кога секојдневно се соочуваме со високи цени, кога основните животните потреби стануваат сѐ поголем финансиски товар, а младите луѓе се обидуват да го организираат сопственото образование и живот со ограничени средства? Дали навистина зборуваме за поддршка ако нејзината реална вредност сѐ помалку одговара на потребите на оние на кои им е наменета? Тука не станува збор за студенскиот оброк, туку за пошироко прашање на социјалната чувствителност и односот кон животниот стандард, бидејќи економската сигурност не е само статистичка категорија, туку предуслов за достоинствен живот.
А кога зборуваме за достоинство и сигурност, не можеме да ги заобиколиме фемицидите. Зад секој ваков случај стои човечки живот, семејство, прекината иднина и прашање што повторно и повторно останува отворено: дали институциите навистина ги препознаваат опасностите навреме и дали постојаните механизми за заштита функционираат онака како што треба? Насилството врз жените не е изолиран инцидент, ниту тема што треба да се актуелизира само кога ќе се случи трагедија. Тоа е сериозен општествен проблем кој бара системска превенција, одговорност и континуирана институционална реакција. Особено загрижува фактот што во едно современо општество, во кое постојано зборуваме за демократски вредности, човекови права и европски стандарди, сѐ уште мораме да го поставуваме прашањето за најелементарното право – правото на живот и безбедност.
Од друга страна, финансиската сигурност, која за многумина претставува резултат на долгогодишна работа, штедење и лична одговорност, исто така се најде во фокусот на јавната загриженост преку случувањата со Алта банка. И тука, независно од конкретните институционалните механизми и мерки за заштита на депонентите, се отвора едно важно прашање: колку граѓанинот може да има доверба дека неговите средства се безбедни и дека финансискиот систем располага со механизми кои навремено ќе ги заштитат неговите интереси?
И токму тука се препознава заедничката нишка меѓу овие навидум различни случувања. Едниот се грижи да ги покрие основните трошоци за живот, другиот дали неговата ќерка, сестра или партнерка е безбедна, третиот дали средствата што ги заработувал со години се сигурни. Секој од нив има различна грижа, но сите очекуваат едно исто – системот да функционира и да им обезбеди минимум сигурност. Проблемот станува уште посложен кога ќе се земе предвид и постојаната општествена поларизација, политичките конфронтации и претворањето на речиси секое сериозно прашање во предмет на дневно политичко надмудрување. Наместо суштинските проблеми да станат предмет на поширок општествен консензус, тие често се губат во меѓусебните обвинувања, релативизирање на одговорноста и натпреварот кој ќе ја наметне сопствената верзија на реалноста. А токму тоа е можеби најголемите слабости на нашето општество – недостигот од континуитет во решавање на проблемите. Како да сме општество кое реагира на последиците, но тешко воспоставува механизми за спречување на нивните причини. Секој нов случај создава краткотрајна јавна вознемиреност, отвора простор за реакции, соопшптенија и ветувања, а потоа вниманието се префрла на следниот настан. Така, наместо проблемите да се решават, тие стануваат дел од една повторлива општествена реалност. Секако не треба да се изедначуваат сите овие појави, ниту да се бара директна причинско-последична врска меѓу нив. Но, треба да се препознае нивната заедничка последица – постепено губење на чувство дека постои стабилен, предвидлив и функционален систем во кој поединецот може да се потпре на институциите. Зошто едно општество не може да се смета за успешно само затоа што има економски проекции, инвестициски најави, нови проекти или политички декларации. Неговиот вистински капацитет се мери и преку тоа колку еден студент може достоинствено да се образува, колку една жена може да живее без страв, колку еден граѓанин може да биде спокоен за својата материјална сигурност и колку доверба има во институциите што треба да ги штитат неговитге права. Можеби затоа денес најважното прашање не е само дали живееме подобро отколку вчера, туку дали имаме причина да веруваме дека утре ќе биде посигурно од денес. Бидејќи сиромаштијата не е само недостиг од пари, несигурноста не е само страв од насилство, а недовербата не е само сомнеж во институциите. Кога сите три ќе станат дел од секојдневното искуство, тогаш веќе не зборуваме за поединични општествени проблеми, туку за криза на доверба во општествениот систем. А можеби токму тоа е најсериозниот предизвик со кој се соочуваме; да изградиме општество во кое граѓанинот нема постојано да се прашува што може да му се случи, туку ќе има причина да верува дека системот постои и функционира во негов интерес.
Томе Христов, дипломиран етнолог, ЛДП


