Куманово денеска достоинствено одбележува 507 години од своето постоење

Сподели:

Куманово денеска достоинствено и гордо одбележува 507 години од своето постоење и 82 години од победата над фашизмот, чествувајќи го 11 Ноември – Денот на градот. По тој повод, во Занаетчискиот дом се одржа свечена академија, на која присуствуваа бројни делегации од земјава и странство, претставници од збратимени градови и соседни општини, високи претставници од државните институции, претставници од локалните јавни претпријатија и установи, основните и средните училишта, здруженијата на граѓани, политички партии и други гости.

На свеченоста се обратија градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска и членови на Советот од различните етнички заедници.

Во рамки на академијата беше прикажана видео-презентација, со преглед на реализираните проекти, активности и постигнати резултати на Општина Куманово во изминатата година. Беа презентирани работата и достигнувањата на градоначалникот, Советот на Општината, општинската администрација, јавните претпријатија и установи, како и реализираните активности во областа на културата и спортот.

Посебен дел од свеченоста беше посветен на доделувањето на Ноемвриските награди и признанија. Градоначалникот, заедно со претседателот на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, им ги врачи статуетките и Ноемвриските награди на истакнатите поединци и правни лица, како признание за нивниот професионален ангажман, посветеност и значаен придонес во различни области на општественото живеење.

Во име на добитниците, благодарност за доделеното признание искажа Марина Цветановска-Мартиновска, академски вајар и визуелен уметник.

Градоначалникот Максим Димитриевски, од свое лично име, додели и благодарници и плакети на поединци и правни лица кои со својата работа, заложби и ангажман дале значаен придонес во развојот и унапредувањето на градот во повеќе општествени сфери.

Во знак на длабока почит и благодарност, постхумни признанија им беа врачени на членовите на семејствата на тројца истакнати кумановци: Филип Стевановски, трагично починат врвен педагог и еминентен музичар, добитник на бројни престижни признанија; Јасмина Голубовиќ, ракометарка и рекордерка според бројот на настапи и постигнати голови за ЖРК Куманово; и Димитар Антевски, долгогодишен професор по физичко образование и истакнат тренер на машката и женската екипа на РК Куманово.

Свечената академија беше проткаена со пригодна културно-уметничка програма, со што беше збогатено одбележувањето на овој значаен датум за Куманово и неговите граѓани.

Сподели: