Орден за воени заслуги за Трајан Гоцевски, Логистичката база на АРМ и Организацијата на резервни офицери

Сподели

 

Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска се обрати на централната свеченост, што по повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија и јубилејот „30 години Армија“, се одржа во касарната „Илинден“ во Скопје.

 

 

Во рамки на централната свеченост, претседателот Пендаровски ги одликуваше првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери на Република Северна Македонија, со Орден за воени заслуги.

 

 

Трајан Гоцевски е одликуван за неговиот придонес во формирањето на Армијата како легитимна и регуларна вооружена сила на Република Северна Македонија.

Логистичката база при Армијата се одликува за особениот, стратешки, долготраен придонес во планирањето, координирањето, организирањето и извршувањето на логистичката поддршка на командите и единиците на Армијата на Република Северна Македонија, со што овозможува успешно извршување на сите задачи во мир, војна и кризна состојба. Логистичката база својата подготвеност ја покажа со низа активности во текот на справувањето со мигрантската криза и пандемијата на КОВИД-19.

Организацијата на резервни офицери се одликува за особен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државата и афирмирањето на воената професија, а по повод 70 години од нејзиното формирање.

Исто така, претседателот Пендаровски со указ го унапреди полковник Сашко Лафчиски во чин бригаден генерал и го постави полковник Васко Коколански за командант на Командата за обука и доктрини во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.