Отповикувањето на Трамп половично – претседавачот на Сенатот нема да свика седница

Сподели

 

Откако вчера доцна вечер по македонско време Претставничкиот дом (Долниот дом) на Конгресот на САД со 232 гласа „за“, меѓу кои и 10 пратеници од Републиканската партија, и 197 гласа „против“ донесе одлука Трамп да биде отповикан од претседателската функција, постапката речиси сигурно нема да биде завршена и тој ќе остане на функцијата до 20 јануари, кога му истекува мандатот, пренесува мета.мк.

Тоа стана јасно откако по гласањето – претседавачот на Сенатот, Мич МекКонел соопшти дека нема намера да го свика Сенатот за испитувањето на Трамп пред 19 јануари, со што одлуката за отповикување на Трамп не би можела да биде потврдена од Сенатот (Горниот дом на Конгресот) и да стапи на сила пред новиот претседател Џо Бајден да положи заклетва и да стапи на функцијата. МекКонел рече дека Сенатот треба да се посвети на прашањето за полагањето заклетва на новиот претседател и мирно предавање на функцијата.

Причината да се почне постапката за отповикување се изјавите на Трамп кои минатата седмица доведоа до насилствата и упадот во Конгресот, при што пет луѓе ги загубија животите.

Откако беше донесена одлуката на Долниот дом на Конгресот на САД, Трамп се огласи со видео порака во која повика на смиреност, бидејќи, како што рече, бил известен од Тајната служба, дека има можност за нови протести во Вашингтон. Сепак, тој воопшто не го спомена отповикувањето.

Новиот претседател на САД, Џо Бајден, кој треба да стапи на функцијата на 20 јануари, рече дека гласањето во Претставничкиот дом било „гласање на двете партии од членови коишто ги следеле Уставот и својата совест“.

„Оваа нација останува во стисокот на смртоносниот вирус и на истоштената економија. Се надевам дека водството на Сенатот ќе најде начин да се справи со своите уставни задолженија за отповикување додека работи на другите важни прашања за оваа нација“, рече Бајден.

Инаку, завчера Претставничкиот дом исто така изгласа Резолуција – усвоена со 223 спрема 205 гласа – со која го повика потпретседателот Мајк Пенс да се повика на 25-от амандман на Уставот на САД и да му ги одземе овластувањата на Трамп под оправдание за „неможност за извршување на функцијата“. Пенс не се изјасни дека ќе го употреби тој инструмент.

Со ова Трамп стана првиот претседател на САД против кого во еден мандат два пати е почната постапка за отповикување. Трамп претходно беше отповикан од Претставничкиот дом во декември 2019 година, под обвинување дека ги прекршил законите со барањето Украина да го истражи однесувањето на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, во изборите. Сепак, Сенатот тогаш го ослободи Трамп од обвинението.