Отворена изложба на дела од Петар Мазев во Белград

Сподели:

„Сага за творечките немири“ е насловот на изложбата што беше отворена вчеравечер во МТС Дворана во Белград во организација на македонскиот Културно-информативен центар.

Изложбата е посветена на еден од најзначајните македонски ликовни уметници, Петар Мазев, чие творештво остави длабока трага во современата македонска и регионална уметност.

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, во своето обраќање на отворањето на изложбата истакна дека Мазев е автор чие дело одамна ги надминало границите на времето и просторот, а неговата уметност и денес комуницира со новите генерации преку својата силна емоција, автентичен израз и универзални пораки. 

„Големите уметници не припаѓаат само на своето време. Тие продолжуваат даживеат преку своите дела, да разговараат со нови генерации и да нè потсетуваат дека уметноста е една од ретките вредности што му одолева на времето. Петар Мазев е токму таков уметник“, беше истакнато во обраќањето.

Во рамките на настанот беше нагласено значењето на македонскиот Културно-информативен центар во Белград за афирмацијата и промоцијата на македонската култура пред српската јавност, како и улогата на културата како најцврста врска за пријателство и соработка меѓу двете земји.

Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам и нуди ретка можност белградската публика повторно да се сретне со делатана Мазев – уметник, педагог и визионер, чие творештво останува трајносведоштво за силата на македонската уметност и нејзините универзални вредности.

Сподели: