ПЕЧУРКИТЕ СЕ ЈАВУВААТ ПОСЛЕ ДОЖДОТ – ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Сподели

Ме радува што се поголем број луѓе собираат храброст и се јавуваат со свои анализи и коментари за штетното владеење на Груевски и неговата камарила.

Штетата од неговото опстојување на чело на ДПМНЕ е немерлива како за државата, а уште поголема за партијата. Единствен интерес од неговото понатамошно опстојување на чело на партијата и на политичката сцена има само СДСМ и Зоран Заев.

Тоа што пред извесно време се јавија некакви реформисти, постреформисти и други подисправени слугувачи на туѓите интереси само ја потврдува мојата исправна и храбра одлука многу време пред нив да се впуштам во борбата за демократизација на партијата и борба за ослободување на партијата и државата од криминалните партиски структури. Кога велам многу време пред нив мислам на времето кога прв ја побарав оставката од Груевски и кога јавно го критикував за начинот на неговото владеење. Се работи за време во кои тој и неговите слугувачи беа најмоќни.

Голем дел од оние кои до вчера му се умилкуваа, му слугуваа, го величеа, ,,лапаа” барабар со него, клечеа пред него молејќи за некоја функција, оние кои се подмочуваа од радост дека го виделе, оние кои знаеја и по десетици часови да дремат пред неговиот кабинет само добар ден да му кажат, оние кои до вчера не смееја името да му го споменат денес мошне ,,одважно” еден по еден се откажуваат од него. Аферим бре јаничари….. Аферим!

Но, без оглед на се, морам да признам дека ме радува сето тоа и покрај тоа што јас и моите соистомисленици од ФРОДЕМ и Форум на слободумни патриоти бевме жестоко напаѓани и етикетирани за предавници на партијата меѓу другото токму од тие сегашни реформисти, постреформисти и подисправени слугувачи на туѓите интереси (ама и на своите). Но, нејсе се издржа и тоа и вистината и правдата полека дојдоа до израз. Додуше, има уште малку ,,заслепени” и луѓе кои очекуваат некои привилегии, на кои набрзо ќе им се отворат очите и ќе им светне сијаличката. За нив сум сигурен дека во обидот да се исперат за своето слугување ќе отидат во крајност и ќе станат поголеми критичари од нас. Така било отсекогаш и не верувам дека сега ќе биде поинаку. Но, нека е. Подобро некогаш отколку никогаш. Така одело тоа, ми велат поискусните од мене. Печурките секогаш после дождот се појавуваат.

Добро е што денес полека ама сигурно минува времето кога лесно можеше да мине поговорката ,,стадото никогаш не тргнува против својот овчар“. Не господа. Не! Денес стадото се повеќе ,,блее” и нема и не треба да дозволи за спас на ,,овчарот”, самото да пропадне во провалијата. Дојдоа други времиња.

Кога го пишувам ова ми текнува на една размисла на италијанскиот новинар и политичар Сандро Пертини (современик на фашистот Бенито Мусолини) која парафразирано оди вака: ,,Јас никогаш нема да прифатам да станам соучесник на оние кои ја погребуваат демократијата и правдата во лавина од корупција и зло. Немам ниту една причина ниту мотив повеќе, за да се обидувам да ја оправдам постапката на нечесниот. Најголем скандал ќе биде ако се обидам да го прикријам скандалот, затоа што станувам соучесник”.
За жал многумина беа соучесници, но за нив во следното писание.