Пендаровски: Функционерите, вклучително и јас, ги разочаравме „шарените револуционери“

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 одговараше на прашања за актуелните политички случувања во државата, како и за мерките што се преземаат во справување со пандемијата на Ковид-19.

Претседателот во интервјуто ги искажа своите ставови за менување на изборниот модел, за предлогот за формирање на широка Влада, а се осврна и на владеењето на правото и на односите со соседна Бугарија.

 

На прашање дали е задоволен од владеење на правото, шефот на државата одговори „Не“, и порача дека функционерите, вклучително и тој, ги разочарале „шарените револуционери“. Клучниот проблем, рече претседателот, е во тоа што законите не важат за сите исто.

„Јас бев носител во првата изборна единица и зборував секојдневно дека ’нема правда нема мир‘, со месеци марширавме по улици итн. Тоа беше главниот слоган на Шарената револуција. За жал, тие луѓе, посебно тие шарени револуционери, пред сè, граѓани кои немаат чиста партиска афилијација, ние, јас, ги разочаравме. Јас не бегам од тоа. Мотивите се многубројни, секој од нас треба да ја земе одговорноста, да се погледнеме во очи, да каже ’Не испорачавме правда‘. Инсистирам, разговарав и со господинот Маричиќ, и со Љупчо Николовски, им реков, продуцираат методологија за прочистување, стратегија за борба против корупцијата … се тоа е добро, но ние изминативе 30 години имаме супер инфлација од документи, нам ни треба практична имплементација на тие документи. Со години тврдам, ние не сме на ова дереџе затоа што немаме добри закони … Законот го има ама законот важи едно за тебе, друго за мене, а за некого ич не важи. Тоа е нашиот проблем“, – рече Пендаровски.