Вести Македонија Ударни вести

Пендаровски ги посети првачињата во ООУ „Панајот Гиновски“

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски, своето основно образование го започнал во 1971 година, во тогашното училиште „Доситеј Обрадовиќ“ а денеска „Панајот Гиновски“. Токму во ова училиште, претседателот Пендаровски на околу 70 првачиња им посака успешен почеток на учебната година, советувајќи ги да читаат колку што е можно повеќе книги, бидејќи како што рече тој, знаењето секому му помага.

 

 

„Исто толку важно е да создадете што е можно поголем круг на другари и другарки, затоа што во животот човекот секогаш е поуспешен и посреќен ако има повеќе другарчиња и пријатели околу себе. Јас не се сомневам дека вие како и јас пред многу години, ќе стекнете пријатели за цел живот“, истакна претседателот Пендаровски. 

 

 

Улогата на родителите, како што рече Претседателот, е да ги мотивираат своите деца да се доусовршуваат. Но, подеднакво е важно, додаде тој, родителите да ги стимулираат своите деца да играат надвор со своите врсници и да не поминуваат премногу време пред компјутер или со телефон. 

Оддавајќи им почит на наставничките и наставниците за трудот и вниманието коишто ги посветуваат на децата, претседателот Пендаровски подвлече дека тие не треба да попуштаат кога е во прашање знаењето што треба да го добијат децата.

 

„Петките мора да бидат заслужени. Вие тоа знаете најдобро да го правите. Но сакам да ве замолам да не бидете многу строги. Петките треба да бидат заслужени, но дечињата треба да имаат слободно време и додека се во училиште за да не го чувствуваат училиштето и Вас како нешто наметнато или страшно“, истакна претседателот Пендаровски.

По кратката приредба за добредојде на првачињата, претседателот Пендаровски заедно со наставниците и со родителите разговараше со првачињата, кои му ги пренесоа своите впечатоци и доживувањето од првиот училишен ден. Претседателот ги советуваше да другаруваат и да се почитуваат во духот на мултиетничноста на училиштето „Панајот Гиновски“. Различноста, рече Претседателот е предност а  не хендикеп.

„Тоа нека не ве попречува да правите другарства и преку етничка линија. Само така можете да бидете исполнети и среќни. И кога ќе ви затреба некогаш во животот, макар добар збор, ќе го добиете од тој што е најблиску до вас, сосема не е важно дали е Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, Србин“, заклучи претседателот Пендаровски.

Сподели: