Вести Македонија Ударни вести

Електронски портал за вадење документи во електронска форма

Сподели:

 

Од октомври, ќе стапи во употреба новиот национален портал за електронски услуги кој ќе им овозможи на граѓаните освен со постојната постапка, документите да ги добијат на електронски начин, односно само со неколку кликови, со што ќе се отстранат бирократските процедури, шетањата од еден на друг шалтер и чекањето во долги редови, пишува „Порталб.мк“.

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ги врши последните подготовки со цел во првиот дел од октомври да стане функционален електронскиот национален портал за граѓаните.

„На почетокот од октомври се очекува да се пушти во употреба, сега е во завршна фаза на координирање со другите институции кои пружат услуги таму, за што ќе има електронски услуги во порталот. При крај е, како портал е подготвен, само треба да се догради и да се изврши тестирање“, велат од МИОА. Од таму додаваат дека, штом ќе проработи порталот, документите кои ќе се вадат во електронска форма, ќе ја имаат истата вредност како и документите што се на хартија.

Граѓаните ќе може да ја активираат нивната електронска идентификација, на тој начин што ќе треба само еднаш да се регистрираат во системот. Регистрацијата ќе може да ја направат на два начина, првиот е физички да се појават во некој од овластените шалтери, кои ќе постојат низ целата територија на земјата, а вториот е електронски начин, тоа ќе може да направат индивидуално, без да имаат потреба физички да отидат во некоја институција. Од тој момент, секој граѓанин ќе може електронски да ги добие сите документи, кои ќе бидат законски валидни. Документите ќе му бидат пратени по е-маил.

Инаку, доколку се дигитализираат услугите, само од вадењето извод на родени, во рок од пет години, граѓаните би заштедиле 44.121.920 денари или над 700.000 евра. Ова го покажува истражувањето на Центарот за Управување со промени, кој што спроведе „cost-benefit (трошоци-добивка)” анализа за дигитализација на услугите на РСМ.

Дигитализацијата на услугите е повеќе од потребно имајќи ги предвид и резултатите од анкетата „ЕвроМетар 2019”, спроведена од „Граѓанскиот сојуз за транспарентност“, според кој, граѓаните се жалат од шетањето од шалтер на шалтер, што не се услужени од вработените, непрофесионалност, несоодветно однесување на вработените, пречекорување на рокови, одолговлекување на постапките, слаб квалитет на услугите.

Според анкетата, 30 проценти од граѓаните сметаат дека услугите што ги нуди јавната администрација се лесно достапни, 22 проценти од граѓаните мислат дека услугите се брзи, и 24 проценти од нив сметаат дека услугите се квалитетни.

Ова значи дека две третини од граѓаните сметаат дека не се задоволни со работата на јавната администрација.

Сподели: