Вести Македонија Ударни вести

Пендаровски ги прими акредитивните писма на новиот амбасадор на Јапонија, Оцука Казуја

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Јапонија во Република Северна Македонија, Оцука Казуја.

 

 

 

 

На церемонијата на предавање на акредитивни писма, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија придава големо значење на развојот на односите и соработката со Јапонија оценувајќи дека искористувањето на можностите на билатерален план и спроведувањето на проектите во рамките на  Јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан, придонесуваат за поголема економска соработка и можност за инвестиции од страна на јапонски компании во регионот, како и споделување на јапонските искуства и знаење, што значително влијае врз натамошното јакнење на соработката и зближувањето меѓу нашите две земји и народи. Во таа насока, претседателот Пендаровски истакна дека Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори на Северна Македонија придонесувајќи со реализација на техничка помош за низа проекти во развојот на инфраструктурата, подобрувањето на здравството, земјоделието, образованието, животната средина, културата, поддршката на мали и средни претпријатија и др.

Претседателот Пендаровски оцени дека денес, во услови на нарушена европска безбедност по руската инвазија на Украина, обременети сме со нови предизвици кои бараат сплотеност и мудрост за сочувување на мирот и стабилноста на европско тло, но и дополнителни напори за справување со енергетските и економските кризи кои ги зафатија нашите општества.

„Меѓусебната соработка и поддршка на овој план е приоритет за владите и верувам дека Северна Македонија и Јапонија можат да остварат значителна соработка и на овој план“, рече претседателот Пендаровски.

Амбасадорот Казуја оцени дека одличните билатерални односи можат дополнително да се развијат особено на полето на политичкиот дијалог, економијата, културата и граѓанските размени, приближувајќи се кон 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји во 2024 година. Истакнувајќи дека Јапонија придава големо значење на стабилноста и просперитетот во регионот на Западен Балкан, каде стабилниот развој на Северна Македонија игра клучна улога, амбасадорот Казуја рече дека поаѓајќи од овој став, Јапонија секогаш ги поддржувала и ќе продолжи да ги поддржува реформските напори на нашата земја кон евроатлантската интеграција.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Казуја му посака успешно извршување на значајната дипломатска мисија.

Сподели: