Пендаровски: Максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше и се обрати на одбележувањето на 20 години на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, што се одржа вчеравечер во Скопје.

Настанот, кој се одржа под покровителство на претседателот Пендаровски, беше организиран од Еко-свест, како стратешки партнер на Шведската агенција за развој и соработка-СИДА во спроведување на стратешкиот тригодишен проект „Заедно за климатска акција“ / Граѓанските организации во акција за климатските промени.

 

 

Еко-свест е водечка организација во државата, која 20 години успешно постои и предводи политики за одржлив развој, зелена трансформација на општеството, заштита на животна средина и здравјето на луѓето.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање ја истакна неговата поддршка на граѓанските организации, како и за интересот и грижата за животната средина, како едно од најзначајните прашања на денешнината. Тој повика на единство и заедничка работа за решавање на овие круцијални прашања од кој зависи нашиот опстанок како држава и општество.

„Во годините кои следат нужно е максимално сериозно да се посветиме на зелената агенда и да ги постигнеме сите зацртани цели за чиста средина, здрави граѓани, енергетска и економска стабилност и одржливост, заштитена природа и див свет и циркуларна, наместо сега доминантната линеарна економија. Би сакал да ја истакнам мојата поддршка на препораките на експертите од граѓанските организации дека наш приоритет треба да биде вложувањето во животната средина, бидејќи секој денар инвестиран во неа значи повеќекратни придобивки во сите сфери на општеството, а особено во економијата, јавното здравје и социјалната заштита. Еколошките такси кои се наплаќаат од граѓаните треба наменски да се користат за инвестиции во животната средина и заштита на нашата природа и ресурси, а одлуките кои се носат мора секогаш да се базираат на научни факти и истражувања“, порача Претседателот во своето обраќање.