Вести Македонија Ударни вести

Пендаровски на отворањето на Европскиот самит за дигитализација на судството

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на Европскиот самит за дигитализација на судството, којшто се одржува во Охрид на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството“.

 

 

“Дигиталната трансформација на нашите општества веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност. Дигитализацијата не само што ја олесни, забрза и направи широко достапна комуникацијата, туку, многу позначајно, суштински го промени начинот на кој работиме, размислуваме и ги градиме нашите вредносни системи. Со години дигитализацијата беше третирана како технолошка играчка релевантна само за оние кои непосредно се занимаваа со информатичката технологија.

Првите акти на Европската Унија што директно се однесуваа на дигитализацијата беа во областа на заштита на личните податоци, со оглед на тоа што многу брзо стана јасно дека информатичките системи собираат неспоредливо повеќе лични податоци отколку кој било хартиен формулар, а тие, така собрани податоци, можат да се искористат за дозволени цели, но и да бидат злоупотребени. Многу подоцна, кон самиот крај на минатиот век, Европската Унија донесе акти за електронски потпис, со што, за прв пат, дигиталните алатки од средство за комуникација почнаа да се трансформираат во средства кои овозможуваат дејствија, со цел, да се постигне определена правна последица.

 

 

Многу поголем проблем беше затворањето на правосудните органи, особено кога стана јасно дека истрагите и рочиштата не може да се одложуваат на долги периоди, а, не беше јасно колку ќе трае кризата. Како и секоја криза, така и оваа е шанса за промени на подобро, под услов да сакаме да ги научиме лекциите од изминативе две години. Во оваа смисла сметам дека овој самит е одлична прилика да се разговара за идните чекори во насока на прифаќање на дигиталната транзиција на правосудството, но, како потреба, а не како нужно зло само во време на криза.

Темите на панелите и најавените учесници ветуваат корисни дискусии и заклучоци што подоцна треба да бидат трансформирани во соодветни јавни политики и законодавни промени. Првата и основна задача е да обезбедиме политичка волја за дигиталната трансформација на правосуството. Понатаму, ќе дискутираме за придобивките и можните недостатоци од дигитализацијата, со цел, поголема ефикасност на судството, ќе разговараме и за гаранциите за еднаков пристап до правдата, како и за интероперабилноста меѓу правосудните органи и другите државни институции. За успешна дигитална транзиција од голема помош ќе бидат и искуствата на другите држави, а особено европските стандарди и практики во оваа област. Во таа насока го поздравувам потегот на организаторите да поканат голем број на учесници од регионот и од државите членки на Европската Унија.

Овој самит го сфаќам како почеток на еден обемен и долг процес на дигитална трансформација на целиот наш правосуден систем. Здравствената криза не’ принуди со поголемо внимание да се посветиме на оваа тема, но, иднината е во дигитализацијата и со и без здравствени или друг вид на кризи.

 

 

Спроведувањето на овој сложен процес е, првенствено, наша задача и наша одговорност. Се надевам дека политичката волја за дигитализација на правосуството ќе резултира со реален и мерлив напредок во оваа област, во која што со години, од различни причини, не бележиме позначителен прогрес. Во таа смисла, од мене може да очекувате безрезервна поддршка,” изјави претседателот Пендаровски на денешниот Европски самит за дигитализација на судството.

Сподели: