Вести Македонија Ударни вести

Пендаровски се обрати на одбележувањето на 25 годишнината од Хелсиншкиот комитет за човекови права

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 25 години од Хелсиншкиот Комитет за човекови права, имаше свое обраќање:

 

 

“Благодарам за поканата, чест ми е да се обратам денес по повод четврт век постоење на Хелсиншкиот Комитет за човекови права во нашата земја, организација, неспорен ветеран во заштитата и унапредување на човековите права.

Безмалку трите децении независност на нашата држава и долгата и мачна транзиција беа исполнети со политички кризи, социјална неправда, кревки меѓуетнички односи, политичка недоверба и нетрпеливост кон различните.

Во такви услови, веќе 25 години, Хелсиншкиот комитет за човекови права е конструктивен критичар на државата кој алармира за социјалните неправди, правните пропусти, политичките злоупотреби и другите општествени девијации. Вие активно се борите против предрасудите, против стереотипите, против дискриминацијата, корупцијата, омразата и против насилството во нашето општество.”

 

Преку вашите механизми како бесплатната правна помош својата правда можеа да ја добијат семејства на лица со попреченост, самохрани мајки, жртви на семејно насилство, социјално обесправени граѓани. Вашата сигурна куќа им помага на членовите на ЛГБТИ заедницата кои се жртви на насилство. Со вашата гласност, посетите на затворите во земјата, извештаите за состојбата со човековите права, борбата против дискриминацијата, заштитата на бегалците и барателите на азил, што е само дел од вашата работа, вие ги направивте видливи граѓаните кои беа невидливи за институциите, секогаш ставајќи се на страната на послабите.

Работничките права, еднаквите можности на мажите и жените, родовата еднаквост, инклузијата на лицата со попреченост, правата и заштитата на ЛГБТИ заедницата, еднаквото право на социјална и здравствена заштита, образование, правично судење, говорот на омраза и делата направени од омраза – сите овие теми ќе беа на маргините на јавниот дискурс ако вие не алармиравте и ако упорно не барате почитување на човековите права и слободи за сите.

Вие подобро од мене знаете дека работата е далеку од завршена. Човековите права и слободи се во опасност секогаш кога се земаат здраво за готово, како да се еднаш за секогаш стекнати и гарантирани. Секоја генерација мора одново и одново да ги потврдува за да може да ги ужива овие права. Речиси и да нема ден, а, да не дознаеме за прекршување на некое човеково право и ограничување на некоја човекова слобода. Семејното насилство, експлоатацијата на работниците, етикетирање на различните според нивната етничка, религиска припадност, сексуална ориентација или родов идентитет, жигосувањето на зависниците, за жал, се дел од нашето секојдневие. Ние не можеме да си дозволиме да бидеме рамнодушни на кршењето на човековите права и правото на човечко достоинство.

 

 

Битката за човековите права мора да продолжи, затоа што ниту едно човеково право не е право само за еден човек или само за една заедница. Слободата што ја имаме треба да ја користиме за да ја унапредуваме слободата на другите. Вистински слободно општество е она во кое правата на најмалата заедница се исто толку почитувани колку и правата на најголемата заедница.

Треба да бидеме активни! Борбата за човековите права и слободи не смее да биде ангажман на неколкумина интелектуалци и активисти, туку повик и должност на секој граѓанин, на секој човек.

Сите луѓе се раѓаме слободни и еднакви и затоа не треба да дозволиме посилните да имаат права над послабите. Да работиме заеднички за да го најдеме балансот меѓу јавната безбедност и индивидуалната слобода, да се запази универзалноста на човековите права без да се наруши различноста.

Постојано да ги препрочитуваме и да ги објаснуваме Универзалната декларација за човекови права, Меѓународната повелба за економски, социјални и културни права, Меѓународната повелба за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права. Напредно европско општество е само она во кое се почитува и промовира богатството на различноста.

На таков начин, ќе направиме прогрес во два меѓусебно поврзани процеси: Првиот е граѓанското помирување кога сите кои живеат во оваа земја ќе се почитуваат меѓу себе и ќе бидат почитувани од институциите, не само на хартија, туку и во пракса. Наша клучна цел мора да биде општество ослободено од предрасуди во кое ќе има место за секого.

Вториот е европската интеграција. Во фундаментите на Европската Унија и на тн. европски начин на живот се заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Вие во Хелсиншкиот комитет цели 25 години истрајувате во борбата за човековите права и слободи водени од увереноста во вредноста и неотуѓивото достоинство на секое човечко суштество. На тој пат јас сум со вас, без остаток.

Посакувам до следниот јубилеј да изградиме европско општество и европска држава на политички дијалог, на социјална правда, солидарност кон луѓето и заедниците на маргините, грижа за животната средина, каде што правилата важат за сите” – порача претседателот Пендаровски.

Сподели: