ЗНМ: Тричковски го прекрши Етичкиот кодекс во својата колумна „Флека на екранот“

Сподели

 

Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија, постапувајќи по претставка од  Бранко Героски за колумната  на Бранко Тричковски објавена на онлајн медиумот Frontline.mk, под наслов „Флека на екранот“, а во која колумнистот  Тричковски, демонстрира омраза, вулгарност во говорот,  клевети и навреди, под превезот на метафора, истовремено го злоупотребил и медиумот за лична пресметка со Геровски и со г-н Милчин“, констатира дека жалбата е основана. Кодексот на ЗНМ е прекршен во членовите 10, 11,15 и 16 според кои:

  • Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа.
  • Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.
  • Новинарот ќе ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.
  • Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Истовремено, Советот на честа на ЗНМ потсетува дека почитувањето на поинаквото мислење е во основата на Кодексот на новинарите. Несогласувањето со туѓото мислење не подразбира користење говор на омраза, дискредитација и лични навреди со елементи на повик на насилство. Уште еднаш ги повикуваме новинарите, а особено членовите на ЗНМ, да внимаваат на своите јавно искажани ставови, меѓусебно да не се навредуваат, да не поттикнуваат говор на омраза и да не повикуваат на „јавен линч“, само затоа што не го делат истото мислење со некој друг – се наведува во соопштението на ЗНМ.