Пендаровски со учениците-натпреварувачи на 24. Јуниорска балканска олимпијада по математика кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски ги прими учениците – натпреварувачи на 24. Јуниорска балканска олимпијада по математика кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали.

 

 

Претседателот Пендаровски, честитајќи им на учениците за овој извонреден успех, истакна дека тој, како и целата македонска јавност со голема радост ја прими оваа вест, која кај сите предизвика чувство на гордост и на среќа.

„Уживајте во овие моменти и радувајте се. Да се биде победник во олимпијада е голема работа и сите не направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации – Ви благодариме“, рече Претседателот.

 

 

Тој додаде дека нивниот успех покажал дека нема нерешливи задачи, кога кон нив се пристапува тимски и одговорно.

„Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава дека со посветена и напорна работа, со вложен труд секогаш резултатите доаѓаат“, нагласи претседателот Пендаровски.

Претседателот им порача на учениците дека очекува да продолжат по истата патека, дека секогаш со мотивираност, желба и дисциплина можат да се совладаат и најголемите предизвици.

Учениците ги раскажаа своите импресии од одржаната олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои во услови на пандемијата на КОВИД-19, минаа во специфични околности.

„Тоа не го намали нашиот ентузијазам и желба за успех. Напротив, тоа не мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката“, рекоа учениците на средбата.

Тие изразија благодарност за приемот во претседателскиот Кабинет и ветија уште поголеми успеси во иднина.

Во периодот од 9 до 13 септември 2020 година во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада на која нашата екипа, сместена во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видео-конференциска врска.

Екипата ја сочинуваа: Никола Спировски – добитник на златен медал, Дамјан Давков – добитник на сребрен медал, Никола Цветаноски – добитник на бронзен медал, Марија Атанасова – добитничка на бронзен медал, Матеј Гелев, Емилија Николовска, а водач беше Делчо Лешковски и заменик водач Борче Јошевски.

Годинава, на 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа 10 балкански држави и 8 држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното образование и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.