Петровска: Следната година ќе започнеме со набавка на дронови за македонската Армија

Сподели

 

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата Click Plus на ТВ21 говореше на повеќе теми поврзани со одбраната, вклучувајќи го и буџетирањето на одбраната и инвестициите во нова и модерна опрема за Армијата каде најави дека следната година, и формално одбраната ќе влезе во процес на набавка на дронови за потребите на Армијата на РС Македонија.

„Процесот веќе е започнат и во текот на следната година ќе започнеме формално со набавка на дронови, затоа што анализата која јас ја најавив, пред неколку месеци е направена. Генералштабот на Армијата со соодветните единици ја заврши оваа анализа која што покажа каде, во кои сегменти од одбраната и генерално за државата, дроновите можат да бидат искористени. Во наредниот период остануваме да ги изработат оперативните побарувања, односно да се специфицира што точно, каков вид дронови и со кои перформанси се потребни и таа набавка треба да ја спроведеме во текот на следната година“, најави министерката.

Петровска истакна дека согласно предлог буџетот за кој се завршени консултациите со Министерството за финансии, одбраната ќе располага со буџет во висина од 2 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 33 проценти ќе бидат наменети за модернизација и опремување. Високиот процент на инвестирање во нова и модерна опрема главно се должи на фактот дека долги години претходно не се инвестирало во Армијата – ниту во материјални средства, ниту во униформи, ниту во вооружување, појасни министерката.

„Минатата година информиравме за склучување на договорот со Франција за набавка на против воздушен систем за одбрана, проектот за набавка на лесните оклопни возила JLTV е започнат и јавноста имаше можност да ги види во различни ситуации тие возила. На почетокот на следната година очекуваме да се вратат двата хеликоптери кои се испратени на ремонт, сè додека не го склучиме договорот за набавка на нови хеликоптери кој е во финална фаза“, рече министерката. Додаде дека тимот кој работи на овој процес побарал дополнително време за консултации во однос на понудите и изрази уверување дека во текот на ноември месец ќе можат да ги презентираат конечните позиции, по што ќе биде донесена одлуката и за нивна набавка.