Вести Свет

По 10 години преговори, постигнат договор за заштита на океаните

Сподели:

 

По една деценија преговори, нациите постигнаа историски договор за заштита на светските океани. До 2030 година, 30 отсто од морињата да бидат заштитени подрачја, за да се заштити и закрепне морската природа, предвидeно е во Договорот за отворени мориња, пренесува Би-би-си.

Договорот беше постигнат во саботата, по речиси 38 часа разговори во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк. Преговорите се водеа со години, поради несогласувањата околу финансирањето и правата за риболов.

Инаку, последниот договор за заштита на океаните беше потпишан пред 40 години, кога во 1982 година беше донесена Конвенцијата на ОН за поморско право. Со овој договор се воспостави област наречена отворено море – меѓународни води каде сите земји имаат право да риболоват, да пловат и да истражуваат, но само 1,2 отсто од овие води се заштитени.

Морскиот свет кој живее надвор од заштитените подрачја е изложен на ризик од климатските промени, прекумерниот риболов и бродскиот сообраќај.

Според Меѓународната унија за зачувување на природата, речиси 10 отсто од живиот свет во морињата е во ризик од исчезнување.

Со договорот потпишан во саботата, во новоутврдените заштитени подрачја се предвидени ограничувања за тоа колку може да се риболови, за маршрутите на бродските патеки и активностите за истражување како ископувањето во длабоките мориња. Еколошките групи се загрижени дека рударските процеси може да ги нарушат местата за размножување на животните и да создадат загадување со бучава.

Нациите ќе треба повторно да се состанат за формално да го усвојат договорот, а потоа да започнат и со негово спроведување./Meta.mk

Сподели: