По тужба од Фрчкоски, судот ја забрани книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него”

Сподели

Основниот суд Скопје 2, изрече времена мерка забрана на продажба на книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него”, по тужбата за повреда на личните права на тужителот, професорот Љубомир Фрчкоски.

Фрчкоски како тужител се јавува, за повреда на неговите лични права, односно за клевета во врска со изнесеното во книгата околу атентатот на Киро Глигоров, каде Андов укажува на можна вмешаност на екс-политичари во атентатот кој никогаш не доби разрешница.

Од судот  велат дека се работи за времена мерка, со која се забранува понатамошна продажба и располагање на книгата до правосилно завршување на постапката за утврдување на одговорност за клевета, и надомест на нематеријална штета.

-Чудно е кога луѓе кои ги знаете ќе одлепат комплетно, и цртајќи ја својата улога во транзициска Македонија се обидуваат себеси да се самолоцираат како централни. Тоа, за жал, му се случува на Андов. Тој практично ја злоупотребува слободата на изразување за прилично шокантни клевети кои имаат консеквенци за граѓанските права на лицата кои ги напаѓа. Да те обвинат дека си убиец, во основа, е перверзија и апсурдност на слободата на говорот“, изјави Љубомир Фрчкоски.

– „Нема врска. Си умислува. Фрчкоски е претставен токму таков каков што бил – неуспешен министер за внатрешни работи, кој не спречи да се случи атентат врз претседателот Глигоров, кој не ја заврши истрагата и за тоа требаше да поносе одговорност. Вистинска истрага всушност и немаше, а 23 дена никаде го немаше и Фрчкоски. Тој се криеше. И сега изјавува дека јас сум ‘одлепил’. Па, се тужи ли ‘одлепен’ човек?“, – изјави Стојан Андов за Дојче Веле.

Инаку, реакција за книгата вчера во гостувањето во ТВ21 даде и обвинителката Рускоска според која забраната е задоцнета и Фрчкоски има потполно право.

Книгата е во издание на „Матица македонска“, а решението на судот се однeсува на сите кои вршат продажба на книгата или располагаат со неа.