Почина Љупка Џундева – тивката дама на македонското актерство

Сподели

Актерката Љупка Арсова Џундева почина денеска на 84 години.

Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија.

Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика.

Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија.

„Ние сме многу малку гости на овој свет, човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш“.

Уште во почетокот на својата уметничка кариера Љупка Арсова Џундева се наметнала на публиката и кај драмската критика со својата специфичност, ретко убава дикција, со својот убав глас, со својот младешки шарм и свежина. Таа подеднакво успешно настапувала и во дела од македонско-југословенска (домашна) драматургија и во светска дрмска класика. Таа своите први големи актерски резултати ги остварила во класичниот, западноевропскиот и американскиот репертоар во кино Вардар, кои тогаш биле малку застапени. Подоцна дури во седумдесетите години од XX век почнала да настапува во пиеси од домашни писатели каде што нејзината глума добила најсилни акценти, најсвежи пулсации и најбујни текови. Играјќи во праизведби на текстови од македонските драматичари таа ги истакнала и своите коични акерски способности.

Вечна ѝ слава!