Поетот Валерио Орлиќ на голема турнеја по Македонија, Албанија и Хрватска

Сподели

 

Валерио Орлиќ, истакнат хрватски поет, основач, почесен претседател на Хрватското книжевно здружение, денеска, 23 мај, со почеток во 12 часот, со промоција на неговата најнова збирка поезија “Љубов распослана по морето”, ја започнува големата турнеја по Македонија, Албанија и Хрватска.

Настанот ќе се одржи во Музејот на македонската борба, во објектот “Порта Македонија”, при што професор д-р Васил Тоциновски ќе го претстави поетскиот опус на Орлиќ. Стихови од најновата збирка на хрватски ќе чита авторот, додека на македонски Сашо Огненовски.

Валерио Орлиќ ќе има поетски настапи и во Охрид и Битола  во Македонија, како и во Пустец, меѓу Македонците, во Албанија.

Тој е специјален гостин на чествувањето на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, мегу етничките Македонци во Албанија, кое содржи низа промоции на книги и поетски читања од страна на автори од Македонија и Албанија.

За таа прилика, од Тирана во Пустец, најавија патување и учество хрватскиот амбасадор во Албанија, Златко Крамариќ, заедно со амбасадорот на Северна Македонија, Данчо Марковски.

Манифестациите, во соорганизација на Македонското друштво “Сонце”, од Албанија и Друштвото за литература и култура “Мацково” од Македонија, ќе се одржуваат во центарот на Мала Преспа и седиштето на општината, населбата Пустец, како и во селото Глобочани, кај паметникот на големиот писател, Македонец, Стерјо Спасе, односно во Спомен – музејот “Стерјо Спасе”.

Промоција ќе доживее и капиталното дело “Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – Случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник” од д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка.

После големата турнеја по Македонија и Албанија, Орлиќ ќе биде гостин на 21-те по ред “Јадрански книжевни средби” во Црквеница, Хрватска, од 3 јуни, каде ќе биде претставено неговото книжевно создавање.

Орлиќ е добитник на низа домашни и меѓународни признанија за неговиот придонес во книжевноста во Хрватска, Македонија, Италија, Словенија, Србија, Бугарија, Полска, Украина и други земји.

Мегу другите,  и на Мегународната награда „Хомер“ за придонес во европската и светската книжевност – Брисел, 2018.

Кај нас на „Балканската награда за поезија“  на 46-ите “Караманови средби” во Радовиш (2019), како и на „ Струшко слово“  – Струга, 2015 и  „Слово“ –  Битола, 2016.

Веле Митаноски