Во домот на култура Кочо Рацин во Скопје во четвртокот на 11-ти декември, се одржа поетско читање на поезијата од Грета Парлиќ која е застапена во нејзината книга “Демонот во бел костум“.

Грета Парлиќ е академски музичар, пијанистка, музички теоретичар и музички педагог.
Безмалку три децении, работи како дипломиран професор по музика, од кои, повеќе од две децении се посветува и на работата со деца и млади кои се со посебни потреби.

Новинарката Валентина Ѓорѓиевска-Парго го отвори овој настан, со свое видување на она што го има прочитано од творештвото на Грета Парлиќ и според пофалните зборови од книжевниците, заклучи дека во поетскиот свет се придружува уште една многу даровита поетеса. За интерпретација таа ја одбра поемата Разминати страсти од оваа стихозбирка, која како што истакна, веднаш ѝ се допаднала и особено се пронашла во сензибилитетот на истата.

Еминентниот наш поет Горан Анчевски, даде исцрпен осврт за книгата “Демонот во бел костум”, истакнувајќи дека поетесата Грета Парлиќ, мисли со чувствата и чувствува со мислите, а нејзината поезија има јасен препознатлив, разбирлив и чист стил, со многу длабоки емоции но, без песимизам. Тој прочита повеќе поеми од стихозбирката со неговиот посебен лирски глас.
Еминентната актерка Билјана Драгичевиќ-Пројковска, која со Грета била во иста пијано класа во основното музичко училиште Илија Николовски Луј, откако се потсети на нивните заеднички часови по пијано, кажа дека има обичај речиси секој ден да прочита песна таму каде што ќе и се отвори оваа стихозбирка, бидејќи кога ја отворила за првпат, песната Рецепт за среќа и го разубавил денот, па харизматично прокоментира дека тоа е кармички предодредено.

Певицата Маја Павловска ја избра за интерпретација песната Ах, замисли од истата стихозбирка. И таа се потсети на училишните денови во музичкото училиште “Илија Николовски Луј и ја истакна Грета Парлиќ како една од најталентираните ученички-пијанистки во текот на нејзиното музичко образование, каде Парлиќ освоила прва републичка и сојузна награда на ниво на СФРЈ.
Проф Д-р Ванѓа Радевска зборуваше за долгогодишната професија и хуманоста во работата на Грета. Таа е воедно и мајка на девојче со посебни потреби, кое е едно од децата со кои работи авторката на оваа стихозбирка.
Специјален гостин на овој настан беше уметникот Живко Поповски-Цветин, кој за време на целиот настан подготвуваше подароци за сите присутни, цртајќи цветни уметнички дела за ширење и зачувување на мир во светот. Интересен е податокот дека датумот на поетското читање на песните од оваа стихозбирка се поклопува со 40 годишниот јубилеј на цветната мировна мисија на овој уметник.

Целата атмосфера беше дополнително облагородена со популарни мелодии кои ги отсвири на пијано Грета Парлиќ. Таа говореше и за нејзината инспирација на ова дело и како вдахновението доаѓа неповикано, како најубав, најчудесен момент во нејзиното творење.
Марија Костовски, Златен Заб


