Понижувачко е македонски пратеници да се поклонуваат во Израел пред политичкиот ционизам

Сподели:

Ако до вчера посетата на собраниската делегација на Израел можеше да се правда како уште една празна дипломатска обврска на македонските пратеници, денес веќе ни е јасно дека станува збор за нешто многу позлобно. Делегацијата предводена од Рашела Мизрахи положи венци на гробовите на Теодор Херцл, Јицак Рабин и Шимон Перес – тројца симболи на ционистичкиот проект, војната и изградбата на израелската државна и воена моќ. Значи, не се работи само за тоа каде отпатуваа македонските пратеници, туку пред кого се поклонија во ИМЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, реагираат од Левица.

“Теодор Херцл, таткото на политичкиот ционизам, ја постави идеолошката основа за создавање на еврејска држава во Палестина, проект кој со создавањето на Израел беше проследен со протерување на стотици илјади Палестинци од нивните домови. Денес, додека врз Палестинците се врши очигледен геноцид, македонските пратеници му оддаваат почит на човекот чија идеологија стои во темелите на овој колонијален проект.

Но, за глувите и слепите македонски пратеници тоа не беше доволно. Цвеќе положија и за Јицак Рабин, началникот на Генералштабот на израелската армија во Шестдневната војна, по која Израел ги окупираше Западниот Брег, Источен Ерусалим, Газа и други територии, како и за Шимон Перес, еден од архитектите на израелската воена индустрија и нуклеарниот капацитет во Димона. Така, под превезот на дипломатијата, македонската делегација се поклони пред луѓе со палестинска крв на своите раце – луѓе кои се дел од историјата на создавањето и јакнењето на израелската воена и окупациска моќ.

За Македонија ова е особено понижувачко. Држава изградена врз антифашистичка борба, отпор кон окупацијата и правото на народите сами да ја одредуваат својата иднина, денес со народни пари испраќа пратеници да се поклонуваат пред идеологијата што ја градела својата држава врз прогон, окупација и етничко чистење на друг народ. Ова не е дипломатија, туку вазалство и слепо следење на садистичкиот Вашингтон”, се наведува во соопштението на Левица.

Сподели: