Вести Македонија Топ теми Ударни вести

ПОПИС 2021: Досега попишани се 1.037.309 лица

Сподели:

 

Бројката на попишани лица во земјава се искачи над еден милион, соопшти Државниот завод за статистика. Заклучно со вчерашниот ден до 20 часот, биле попишани 1.037.309 лица, 323.286 домаќинства и 438.705 станови ширум земјава, додека бројот на самопопишани лица од дијаспората преку апликацијата за самопопишување изнесува 193.370.

Пописот на населението и објектите 2021 се одвива во најдобар ред и согласно планираниот интензитет и досега се попишани над милион граѓани, а мал е бројот на оние кои одбиле да се попишат. 

„За оние граѓани кои стравуваат од ширење на ковид-19, може да побараат да ги попише вакциниран попишувач или пописот да го извршат надвор од нивниот дом“, велат од ДЗС.

Честитки до попишувачите и Државниот завод за статистика по повод надминувањето на бројот од 1 милион попишани лица вчера упатија премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ.

“Милион граѓани ја завршија својата обврска и се попишаа. Милион причини нè водат во финалната фаза од најзначајната државна и статистичка операција што ја чекавме цели 20 години. Успешниот попис е гаранција за сигурна македонска иднина”, објави на Фејсбук премиерот Заев.

Сподели: