Вести Македонија Ударни вести

Поповски: Јавноста ги знае сите информации за истрагата за Никола Саздовски

Сподели:

Роберт Поповски, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентост, по многуте реакции во јавноста и социјалните мрежи за водењето на истрагата за убиството на 21-годишниот скопјанец Никола Саздовски, кој на 29 јуни беше брутално претепан на автобуска постојка во Автокоманда и вчера почина, порача дека јавноста е навреме информирана за истрагата за случајот.

Поповски, во соопштението, изразувајќи го сочувството на Владата до семејството на починатото момче, апелира да не се користи говор на омраза и да не се потпалува насилство.

„Во случајот со младиот Никола Саздовски, чијшто живот за жал згасна прерано, јавноста е целосно и навремено информирана за активностите кои ги преземаа и се уште ги преземаат сите владини надлежни институции. Не постојат информации или какви било податоци кои се прикриваат или не се достапни за медиумите и граѓаните. Министерството за внатрешни работи веднаш по несаканиот инцидент за настанот објави информација во дневниот билтен, а во наредните денови беа приведени и двајца од тројцата сторители“, порачува Поповски.

Тој во името на Владата ги повика сите државни институции „да ја завршат постапката во однос на случајот транспарентно и со целосна посветеност во интерес на правдата“.

Сподели: