Поради идиотизмот преродбата стана одродба – Јове КЕКЕНОВСКИ

Сподели

 

По вчерашното интервју на еден поранешен премиер и лидер во заминување на една телевизија пред пропаѓање се сетив на една вистинска анегдота која се случила пред повеќе од педесеттина години во една наша соседна држава. Парафразирано, анегдотата се одвивала вака: Влегува во кафеана видно револтиран средовечен господин и на цел глас подвикнува: „Господа треба да знаете дека сите политичари се идиоти… И тоа најголеми идиоти. Поголеми нема од нив“. Во кафеаната настанува молк. На сите им се поднаведнати главите. Во тој момент на апсолутна тишина, по урликот на грлатиот новодојденец, од последното сепаре уште погласно реагира еден постар човек со зборовите: „Ве молам немојте да не навредувате, ние не сме и не можеме да бидеме исти!“

„Па, зар и вие сте политичар“, запрашал новодојденецот.

„Не, не, јас сум идиот“, одговорил постариот човек. И одеднаш се слушнал громогласен аплауз од присутни во кафеаната.

Само по себе од оваа кратка, но вистинска анегдота, се наметнува заклучокот дека е денес подобро да се биде „идиот“ отколку политичар. Меѓутоа, дали е така? Некако се повеќе сум убеден дека се повеќе идиоти станаа политичари, но и обратно – се поголем број политичари станаа идиоти. Така да „епи си бир“ (исто му се фаќа) што би рекле нашите турски пријатели.

Ако за зборот политичар нема потреба некое посебно објаснување, тогаш во сосема кратки црти ќе се обидам да го објаснам поимот „идиот“ или „идиотизам“. Несакајќи да навлегувам во објаснување на овој поим од медицински аспект, за оваа колумна овој поим ќе го третирам од аспект на слободното секојдневно говорно изразување под кое најчесто се подразбира глупост, бесмислица, понекогаш и малоумност или пак човек-особењак (ίδιος).

Поаѓајќи од ова објаснување и правејќи паралела со нашето секојдневие недвосмислен е мојот заклучок дека идиотизмот, односно идиократијата денес ги опфатила и се вгнездила во сите пори на општетвото, но најмногу во политиката и луѓето што се занимаваат со неа?

Како денес можеме најлесно да го препознеме идиотизмот?

После она што го гледав десеттина години наназад, после она што го слушнав вчера, за мене идиотизам е бескурпулозно со години да газите по судбините на луѓето, а кога ќе ве откријат, јавно да пркосите на вашето заминување од јавна сцена и да оневозможувате слободно да се гради нов систем на вредности. Идиотизам е да ги убедувате луѓето дека ќе градите нов систем на вредности, онаков како што само вие го разбирате. Што би рекле систем по сопствен терк. Идиотизам е да ги гледате луѓето во очи и да ги убедувате во вистини во кои и самиот не верувате. Идиотизам е да го прогласите за опозиционер, фракционер или пак државен непријател број 1 секој оној кој размислува и дејствува поинаку. Идиотизам е од одлични бизнисмени и врвни доктори да направите неуспешни градоначалници, а од криминалци и ситни подлизурковски јаки претприемачи.

Меѓутоа, идиократијата не вирее доколку покрај себе немате луѓе идиоти, односно незнајковци, неработници, послушници, паразити, самобендисани и крвопијци, луѓе кои немо следат или дремат на партиските или други состаноци и кои чекаат само да им кажат како да гласаат или за кого да кренат рака. Не бива идиократија без партиски и државни послушници кои ја глорификуваат сопствената или глупоста на својот лидер и истата ја ставаат на пиедесталот на совршенството.

Од една страна е жално, но од друга друга страна е фасцинантно кога ќе се уверите дека политиката дава огромни можности сите кои се занимаваат со неа јавно да си го покажат својот идиотлук и да се однесуваат како дегенерици. Што да се каже за политичарите кои од петни жили се обидуваат да ве убедат дека сега живеете одлично, имате повисок стандард, а притоа во џебот немате ни сто денари, а кредитните картички ви се под дозволениот минус. Или пак оние кои ви велат „Немој да го слушаш тоа што го слушаш, тоа што го гледаш не го гледај… Се е монтирано, сечено лепено и креирано… Ние не сме такви… Сакаат да ни напакостат, бидејќи сме многу добри и јаки, бидејќи работиме само за Вас граѓаните“.

А ние граѓаните бенефит, колку ли сакаме, што да Ви кажувам и пишувам. Жално, но вистинито, на идиотлукот му нема крај. Идиотите со својата бесрамност, безличност, ароганиција и неморал како и со бескрајните и безлични повторувања ни сервираат розова виртуелизација на состојбите во која и самите тие не и веруваат, а горат од желба другите да им веруваат.

После толку години опкружени со идиоти и идиотчиња имам чувство како да се навикнавме на идиотизмот. И кога ќе слушнете нешто од нивните големи усти и мал мозок верувам дека нема да се шокирате, да се сепнете, или пак не дај боже да ви застане залакот во уста додека јадете. Станавме некако индоленти и апатични кон нив, зашто ги има многу и на секој чекор. Едноставно отрпнавме од нивна глупост. И после се што ни се случува по се можам да заклучам дека ова беше време на зрел идиотизам каде преродбата стана одродба. Време е за свест и самосвест, за вистински вредности и искрен патриотизам.

И на крајот, уште еден виц за нашите ни идиоти. Хасо го прашува Мујо дали сака да биде ќелав или идиот. А тој експресно одговорил. Идиот! Зошто идиот?, прашал Хасо. Затоа што помалку се гледа. Така барем мислел Мујо.

A ние? Ние сме „среќни“ што го немаме Достоевски, бидејќи нашите идиоти се поголеми од неговиот идиот!