ВМРО-ДПМНЕ: Таравари да се приземји, за да не дојде време да нè моли за нешто

Сподели

Само што помисливме, врз основа на биографијата, дека Арбен Таравари ќе биде солиден министер, кој ќе си ја гледа министерската и стручна работа, ние веќе гледаме „разулавен националист кој едвај чека да влезе во конфликт по национални, етнички и партиски прашања, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната изјава на новиот министер за здравство.

„Му порачуваме многу да не се сили, да не скока, да се приземји, да не дојде во брзо време да го моли за нешто ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно нема доволно политичко искуство, па ако станал министер мисли дека вечно тоа и ќе биде, и веднаш ја покажува својата ароганција и ксенофобичност. Можеби тоа ќе му се допадне на неговиот шеф кој се храни со националистички и шовинистички изјави и со говор на омраза, но сигурно не е добра препорака за мнозинството граѓани кои очекуваат од него да го подобри здравството со реформи, а не, без да е предизвикан, да се кара со политичките партии и да се однесува незрело“, стои во реакцијата на опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Таравари се впишал во историјата како министер чија прва изјава е дека ќе руши реформи, наместо да ги спроведува.