Посебно обележани паркинг-места во Центар за хуманитарни цели

Сподели:

Пред Градскиот стадион, во секторот „Парк“, од денес има посебно обележани паркинг-места од кои сите приходи ќе одат за хуманитарни цели. Зоната H ја отворија ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Општина Центар и Црвен крст – Општинска организација Центар.

Со секое платено паркирање на овие места, граѓаните ќе придонесат за помош на лица и семејства на кои им е потребна поддршка.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека зоната H е една од новините во системот за паркирање.

„Со последните измени сакаме паркинг-просторот во Центар да се користи поразумно и да се распределува поправично. Со зоната H им даваме на граѓаните уште еден начин да си помогнеме едни на други. Секое платено паркирање на овие места значи поддршка за некој наш сограѓанин“, рече Герасимовски.

„Ако паркирате кај Градскиот стадион, со изборот на едно од овие места можете да помогнете некому. Во соработка со Црвениот крст и со поддршка на Општина Центар, сакаме таа помош да стигне до нашите сограѓани на кои им е најпотребна. Ги повикувам граѓаните да ја поддржат иницијативата“, истакна директорот на ПОЦ.

Паркинг-местата во зоната H се обележани со црвена и бела боја. Упатствата за пријавување и плаќање на паркирањето се истакнати на самата локација.

Сподели: