После чуми доаѓаат војни! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

Човештвото мора да стави крај на војната, пред војната да стави крај на човештвото – своевремено кажал Џон Кенеди!

Мерсел Биљали

Параг Кана (Parag Khana), познат геополитички стратег, автор на книгата „Иднината е Aзиjа“, вели дека сме сведоци на големи тектонски промени во глобалната моќ. Светот беше погоден од две нови „светски војни“ – Ковид и Украина, a сега и блискиот и средниот Исток! Пред наши очи се урива постојниот светски поредок и се раѓа нова студена и жешка војна. Конечно, светот повеќе нема повеќе да биде ист. Кога се шурува со ѓаволот, се добива пеколот!

Теоријата на хаосот, „ефектот на пеперутката“ симболизира мала промена во една точка на Земјата, која може да создаде глобални последици. Се покажа дека веднаш по чумите, во светот се појавиле хаоси. Чумата од 14 век, со стотина милиони смртни случаи низ Евроазија – ја уништи најсилната империја во историјата – Империјата на Монголите со 33.000.000 км2. Токму таа чума, во Европа создаде револуционерен технолошки развој што пак доведе до европски колонијализам.

Шпанскиот грип по Првата светска војна, потпомогнат од Версајскиот договор, доведе до големата светска криза (1929-1933), и до Хитлер кој одзеде 50 милиони животи. По Втората светска војна, се создаде ОН со голем авторитет и со бројни функционални институции. Но, Советскиот пораз во Авганистан доведе до распад на СССР и целиот комунизам во Европа. Денес во услови на ептен густа глобална магла, можеме да очекуваме опасни „ефекти на пеперутката“.

Сега е очигледно дека постојниот светски поредок е во колапс, првенствено поради „Ковид“ и Украина. Тоа што сега се случува меѓу Израел и ХАМАС, каде се вклучени бројни светски играчи е продолжение на лошото. По Ковид, и во услови на украинска војна, западните економии ја доживеа судбината на изгубен патник во пустината. Првин, халуцинации дека сè ќе биде лесно – оти оазата, водата и сенката се на дофат, а потоа до работ на амбисот! Светот повеќе нема да биде како што бил пред 2019, а тоа ќе го зголеми бројот на политичари кои поседуваат толку суета колку што им недостасува морал!

Брзо се покажа дека синџирите на снабдување на светските пазари се многу повеќе сложени отколку што се мислеше. Пазарите видно беа ослабнати, а тоа ја ослабе целата светска економија. Пентагон и НАТО сега знаат дека во Украина ќе има долгорочна војна, и дека САД и нивните сојузници ќе мора подолг период да се спротивстават на руската агресија. „Долго ќе бидеме вклучени во овој конфликт, кој за нас ќе биде разорна војна“ – вели Стив Хол, поранешен шеф на операциите на ЦИА за Русија.

Таквата долга војна може да биде сериозен тест за единството на НАТО и на ЕУ. Ако во САД победува Трамп, многу што ќе тргне кон глобална неизвесност. Познато е, како пред извесно време 63 републикански членови на Претставничкиот дом (главно поддржувачи на Трамп), гласаа против резолуцијата за поддршка на НАТО. Што би се случило ако повторно Трамп се врати во Белата куќа!? Башка што денес во бројни членки на ЕУ има про-руско расположение, дури и про-руски влади!

Денес светот се соочува со поопасни предизвици од кога било досега. Американскиот државен секретар за финансии Џенет Јелен предупреди на „големите последици“ што војната во Украина ќе ги има врз глобалните резерви на храна и енергија. Високите светски цени на енергијата и храната, кои веќе се искачија на висока инфлација, и тоа може да има големи политички импликации, вклучително и за судбината на демократијата во самите САД. Глобалните економски последици почнаа да ги поткопуваат постојните економии. Директорот на една од најголемите компании во светот „Blackrock“ – Лери Финк, кој управува со најголемото портфолио на средства во светот од 10 трилиони долари, мисли дека имаме прекин на економските компоненти што го поврзуваат светот. Пандемијата ги наруши глобалните синџири на снабдување, предизвикувајќи пораст на инфлацијата. А острите санкции за руската економија нема да го казнуваат само Путин, туку целата светска економија.

Цените на енергијата уште се високи оти Русија е исклучена од важниот дел од светскиот пазар на нафта. Но, и претседателството на Бајден, родено од пандемска криза, сега се соочува со големи предизвици. Не, без причина претходната британска министерка за надворешни работи Лиз Трас, повика на преиспитување на безбедносната позиција на Западот. „Ерата на соработка со Русија заврши“, рече таа. „Потребен ни е нов пристап кон безбедноста во Европа, засновано на сила, одбрана и превенција“, рече таа во Брисел.

И наредната зима може да ги принуди земјите од ЕУ да продолжат со прилагодување во снабдувањето со енергија, што нужно значи продолжување на рецесијата. Цената на нафтата дополнително се зголеми поради конфликтот меѓу Израел и Газа, што може да го запали целиот регион. Поделби има и за начинот како да се разговара со Русија. Се претпоставува дека напорите за суштински мировни преговори, за кои се залагаат Франција, Германија, Турција и Израел, сега се во ќор-сокак. Се нема идеја за каква неутралност за Украина се залага Москва. Зеленски вели дека сонот на Украина за членство во НАТО повеќе не е остварлив. Но, Зеленски прифаќа неутралност ако петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција), плус Германија и Турција, гарантираат за безбедноста на Украина. Тој во никој случај не е подготвен да ја признае анексијата на отцепените региони на неговата земја Доњецк и Луганск. Макрон и Шолц предлагаат поширока мировна конференција која ќе ги ажурира разговорите за да заврши „студената војна во Европа. Но, Вашингтон се уште се спротивставува на идејата за широка конференција, бидејќи многу американски надворешнополитички елити мислат дека Путин не платил доволно за неговата авантура во Украина. Водечките членови на Конгресот (дури и од двете партии) го повикуваат претседателот да не ги укинува ни најблагите финансиски санкции кон Русија – потег што Макрон и Шолц веруваат дека е потребен за да се дојде до мир.

Долгорочна опасност!?

Како резултат на кризата, економскиот раст на ЕУ, по рецесијата 2022 и 2023 е помал од еден процент годишно, додека САД околу два проценти, а Кина паѓа под четри проценти. Така, глобалниот раст ќе падне под три проценти, што е сериозен знак дека светот ќе стагнира на подолг период. Сега немирите ескалираат и во делови од Африка и Блискиот Исток кои се зависни од украинскиот извоз на пченица.

Дури и пријателтвото меѓу Кина и Русија чека во заседа. Доколку Русија значително ослабне, може да се отвори апетитот на Кина за ненаселениот Сибир како „ветена земја“ за пренаселената Кина, кое веројатно би имала свој „амин“ од САД. Сега во играта се уфрлува и неформален блок на земји – Индија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Виетнам, Турција и Бразил. Повеќето од овие земји одржуваат добри односи со Русија и покрај притисокот од Западот да се изолира Москва. Зависни од трговијата со Кина, овие земји сакаат добри односи со Пекинг. Но, војните, климатските промени, заедничките економски предизвици, глобалните технолошки стандарди – ја отежна помошта за посиромашните земји. Мултинационалните структури во светот, особено  Светската трговска организација и Светската здравствена организација видно ослабнуваат. Иако ММФ привремено ја поврати својата важност, претпазливиот макроекономски надзор ќе го убие овој оптимизам. Светската банка сега е бавна и со недостиг на ресурси. Остануваат два можни патишта: создавање на нов светски поредок со различни функционални механизми или натамошно потопување во опасна глобална апокалипса. Затоа една нова меѓународна конференција сега е како спас.

При такви околности, регионалните проблеми ќе бидат значително маргинализирани, бидејќи не се ни знае што ќе се случи утре. ЕУ веќе се соочува со големи потреси. Овдешните регионални држави пловат без компас. Косово ќе го загуби вниманието, Србија ќе го загуби „големиот брат“, а БиХ ќе го загуби разумот! Сега веќе ништо не е трајно! Сите држави се плашат, оти не можат да се надеваат многу на стратешките партнери, бидејќи и ним им гори под нозете. Сега сите сфаќаат дека мирот никогаш не умира по природен пат, туку поради тоа што е многу тешко да најдете здрав разум во болен ум!

Во услови кога гори во светот, кај нас се игра за „бугарски диктат„ и “он-лине коцкање“ со европско знаме! Вакви луѓе не знаат што е развој, ред, мерит-систем и скромност. Посредникот на Пржинскиот договор Ванхауте доаѓаше на средба со бицикл, додека нашиве кападахии со црни лимузини и со пет телохранители! Тоа е нашата болест. Кога магарето влегува во палатата, тој не станува крал, тука палатата ја претвора во штала.

Жена доцна вечер го чекала возот со сендвич во рака. Нејзиното име било Илва Јохансон, многу успешна шведска министерка за труд, потота и на ЕУ. “Јас сум обичен работник” – си кажувала министерката. Tакви големи луѓе ги прават и другите луѓето големи, но само голем народ може да избере такви големи луѓе.