Државниот празник 11 Октомври беше одбележан свечено и државнички

Сподели

 

Владата остро ги демантира, наводите дека на централниот настан организиран во Куманово по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, наместо државната химна е пуштена партиска химна. Оваа манипулација на јавноста со невистини е срамно однесување и сквернавење на државниот празник, и покажува основно непочитување на државата, институциите и државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, од страна на политичката партија ВМРО ДПМНЕ која и на таков голем ден за државата, наместо достоинствена почит кон празникот, одбира да шири невистини и да ја доведува јавноста во заблуда, се наведува во соопштението на Владата.

Настанот по повод чествувањето на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, беше јавен, отворен за граѓаните, беше пренесуван во живо на Националната радио телевизија, и на настанот беа присутни голем број медиумски екипи но и граѓани кои го проследија во целост. Видео материјалите од преносот во живо, во нивната интегрална форма се достапни на каналите за комуникација на Владата на Република Северна Македонија и на истите е многу е јасно видливо дека со интонирањето на државната химна на настанот е означен почетокот на свеченоста во Куманово, на која обраќање имаше и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Воедно, јасно е видлива целосната културно-уметничка програма, настапот на сите културни уметници, како и изведуваните музички нумери.

Целосниот настан кој се состоеше од положување свежо цвеќе од страна на присутните делегации како и свеченоста по повод државниот празник, пренесуван  во живо, можете да го проследите на следниот линк: https://www.youtube.com/live/_uuet_MiunU?si=ENIDa1C01tJYlypv

Од приложеното, јасна е фактичката состојба дека изнесените наводи од страна на ВМРО ДПМНЕ се лажни и единствено имаат за цел да го нарушат угледот и достоинството на институциите и носителите на јавни функции на Владата на Република Северна Македонија. Токму затоа, бараме повлекување на информацијата од сите медиуми кои ја имаат објавено, а со цел вистинито, прецизно, јасно и точно информирање на јавноста.