Пожарот во Русино се уште активен: Еко-активистите со аларм за големата еколошка катастрофа

Сподели

 

Пожарот на депонијата Русино сè уште е активен поради непристапниот терен што е резултат на изведувањето градежни работи на оваа локација.

Огнените јазици викендов создадоа облаци од чад над Гостивар, кои во комбинација со топлото време им создаваат големи потешкотии во животот на жителите од овој град. Како што информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), тие уште викендов активно се вклучиле во акцијата за гасење на пожарот кој ја зафати депонијата во Русино.

„За справување со пожарот Дирекцијата за заштита и спасување ангажираше градежни машини како поддршка на ТППЕ Гостивар и Комуналното претпријатие на Гостивар“, соопштуваат од ДЗС.

Директорот на ДЗС, Аднан Џафероски утрово беше на терен на депонијата Русино. Тој вети дека екипите на ДЗС ќе останат на терен сè до конечно гасење на пожарот во гостиварската депонија.

Еко – активистите пак со апел и аларм за големата еколошка катастрофа предизивкана од пожарот кој во голема мера предизвикува штета по животната средина и по здравјето на граѓаните.

– „Депониите треба да функционираат според ЕУ стандарди. Бараме од раководителот на депонијата јавно да даде информации каква депонија е Русино, за видот и количината на примен отпад, методите на скалдираче и слично. Се надеваме дека вечер нема повторно да се гушиме.“ – вели Валентина Штерјовска, еко-активист од здружението ГвЕко.