Пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска на својот ФБ профил јавно понуди помош и безбедно сместување на Меланија од Куманово и на нејзиното семејство, откако девојката јавно апелираше за спас од насилството со кое се соочува таа и нејзиното семејство од страна на нејзиниот татко.
“Со огромна загриженост го следам случајот на Меланија од Куманово, која јавно побара помош за себе, својата мајка, баба и братот со церебрална парализа.
Сакам јавно да порачам дека мојот тим и јас стоиме на располагање. Ќе помогнеме да се обезбеди привремено безбедно сместување за Меланија и нејзиното семејство. Воедно, ќе се обратиме и до општествено одговорни компании, организации и хумани луѓе за да обезбедиме подолгорочна поддршка и достоинствени услови за нивното секојдневие.

Не смееме да дозволиме никој да остане сам кога бара помош. Не смееме да чекаме трагедија за да покажеме солидарност.
Очекувам надлежните институции да преземат сè што е потребно за да го заштитат ова семејство и да спречат каква било можност за ново насилство. Заштитата на жртвите мора да биде над сè.
Меланија, те молам контактирај ме преку Фејсбук веднаш штом ќе го видиш овој статус. Сакам лично да разговараме и веднаш да почнеме да организираме конкретна помош за тебе и твоето семејство. Нема да дозволиме оваа борба да ја водите сами.
До Меланија и нејзиното семејство – не сте сами. Ќе останеме со вас и ќе помогнеме колку што можеме, сè додека не бидете безбедни.
#НеСтеСами#СтопЗаСемејноНасилство” – напиша Славјанка Петровска.


