ПРАВИМЕ ЛИ ОД ЗАЕВ НОВ ГРУЕВСКИ? – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Сѐ погласни се критиките упатени до новата власт поради бавното и недоследно остварување на некои од клучните внатрешни реформи. Тоа особено се однесува на состојбите во судството, здравството, медиумите, безбедносните служби, каде што и по една година активностите се сведени на долги и јалови академски дебати, без да се дојде до поконкретни резултати. Оправдано, од нив не е поштеден ни премиерот Заев, како најодговорен за функционирањето на системот, со итни барања покрај видниот ангажман на меѓународен план, многу поголемо внимание да посвети на решавањето на не мал број домашни проблеми. Станува очигледно дека повеќе ресори со кои тој раководи, се уште опиени од изборната победа и своето устоличување, заборавија на преземените одговорности, допуштајќи недозволива комотност и лежерност во вршењето на своите должности.

Поради тоа, во немоќ низ нормални постапки да се остварат одредени права кај обичниот граѓанин и во пошироката јавност, се создава свест дека единствено преку премиерот Заев, и само преку средби со него, може да се реализираат нивните барања, односно дека без негова директна интервенција не е можно да се постигне некое решение. Притоа, не ретко се работи и за барања кои немаат никаква законска основа и чие постапување би значело пречекорување и злоупотреба на неговите овластвања.

Па така, покрај бесмислените политички притисоци на опозицијата тој да издејствува ослободување на притворени лица заради извршени тешки кривични дела, да амнестира или поништи судски одлуки за сторен криминал (што би претставувало мешање во независноста на судската власт), сведоци сме на разни граѓански претставки и петиции со кои од него меѓудругото се бараат зголемени плати, стопирање на руднички ископи, заштита од загадувањето на воздухот, решавање на проблемот со недостиг на лекови но, и лични незадоволства на одделни филмски и театарски творци, поради нивни нереализирани проекти или недоделени актерски улоги.

Ваквите примери, од една страна можеби укажуваат на високата доверба што Заев ја ужива кај граѓаните ама, истовремено предупредува на јасни тенденции целата власт да се сведе на авторитетот на една личност, состојба каква што до неодамна имавме и која што остави поразителни траги во македонското општество и држава.

Зарем толку брзо заборавивме како беше создаден и како се разгрануваше претходниот систем на груевистичкото автократство? Кога поранешниот премиер неконтролирано завладеа со сите сегменти на државниот поредок, кога телефонски диктираше усвојување на закони, изрекување затворски казни, потпалуваше анти-демократски протести, диригираше со медиумскиот корпус, подигаше партиски споменици и смислуваше историски фалсификати? Познати уметници и архитекти денес раскажуваат како по негов личен вкус и избор се проектирале плоштади, се граделе театри, мостови, се фасадирале згради, дури и се одредувале боите на нивниот изглед. Лично присуствував на разговор со некогашниот директор на спортската сала “Борис Трајковски”, на кој што претставници на едно граѓанско здружение бараа да одржат хуманитарна манифестација во неа. “- Додека не добијам согласност од Груевски, јас не можам да одлучам за тоа!”- гласеше неговиот одговор. Во тој период велат, ниеден министер, директор на државна агенција, ни еден општински градоначалник од владејачката партија не се осмелувал да донесе било каква одлука доколку претходно немало одобрение од премиерот. Незаборавни останаа сцените кога тој пред тв камери им издаваше наредби на своите соработници: “- Запиши: Овде да се изгради пат, онде базен, тениско игралиште, детска градинка, селски водовод”. Во стилот на француски монарх-апсолутист, запаметен по изреката ”Државата- тоа сум јас”, Груевски долги години ја доживуваше Македонија како свој приватен имот и фамилијарна творба.

Според тоа, сакаме ли повторно да создадеме водач од чија милост или чесност ќе зависат нашите судбини и човечки слободи? Или пак, демократски поредок во кој што првостепена задача и одговорност на премиерот треба да биде изградба на ефикасен и функционален систем, целосно посветен на решавањето на граѓанските потреби? Каде што Заев нема да биде рамето за плачење на сите наши болки, опасно изложен на заразниот вирус на култноста, туку вистински лидер кој што со поддршка на севкупното граѓанство ќе остварува смели демократски проекти и цели насочени кон посакуваните европски перспективи!