Колумна

ПРАЗНИ НАДЕЖИ ВО ПУТИНОВА РУСИЈА! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели:

Осврнувајќи се на присутните тенденции во македонската надворешна политика за напуштање на евро-атланските насоки и свртување кон Москва, политичкиот аналитичар Кире Наумов во текст објавен деновиве во Слободен печат изнесе сеќавање за една негова средба во руската престолнина со некој висок тамошен функционер кој што отворено му посочил дека Кремљ историски никогаш не бил заинтересиран за Македонија, туку пред сè за Србија или Бугарија, бидејќи како што рекол “Кога наши партнери се Бугарија или Србија, или пак двете, Македонија ни е како бакшиш”. Ако немаме некој од нив, вие не ни вредите ништо!”

 Мислам дека нашата историографија тој факт го има оддамна апсолвирано: Руската политика од секогаш била индиферентна, да не речам непријателски насочена кон Македонија, а македонското национално прашање го третирала исклучиво според потребите и интересите на своите балкански поддржувачи и сојузници. Во тој поглед карактеристични беа односите со Бугарија, која што по Втората светска војна стана членка на Варшавскиот пакт и важеше за најверен и најсервилен партнер на тогашниот СССР. Така, кога на чело на бугарската држава се наоѓаше Тодор Живков, се пројави дури желба Бугарија да биде прогласена како една од советските републики, а Софија симболично да ги навива часовниците според стрелките на оние во Кремљ. Од тие причини Москва отворено стоеше на страната на Бугарија во нејзините секојдневни антимакедонски кампањи, изразени со негирање на македонската национална посебност и со присвојување на нејзината историја и култура. И покрај фактот дека таа беше сојузник на хитлерова Германија во нејзиниот воен поход против Советскиот сојуз, за разлика од Македонскиот народ кој што неколку месеци по фашистичкиот напад на СССР се крена на вооружено востание и четири години водеше крвава битка против фашистичките окупаторски сили, советската политика изнаоѓаше најразлични начини да го премолчи или да го оправда тој срамен период од бугарската историја.

 Како поранешен дописник на Нова Македонија од СССР (1979г. – 1983г.) имав можност да присуствувам на неколку меѓународни собири на историчари, но и да разговарам со повеќемина советски автори на таа тема, обидувајќи се да најдам објаснување зошто бегаат од историската вистина и на што се должи нивната поддршка на бесмислените бугарски антимакедонски негации. Одговорот секогаш беше ист: Официјално, тие мораат да ги бранат ставовите на советската политика, иако приватно биле свесни оти ѝ нанесуваат неправда на македонската историја како најголема жртва на таквата политика. Притоа, бев сведок на неколку научни дебати, кога покрај познати македонски и југословенски историчари учествуваа и истражувачи од Полска и Чехословачка, доведувајќи ги во комична ситуација софиските преставници да докажуваат дека бугарската фашистичка окупација на Македонија наводно имала ослободителен карактер и дека Бугарија одиграла значајна улога во победата на антифашистичката коалиција!

Истражувајќи ја трагичната судба на македонската револуционерка Малина Поп Иванова, именувана како Елена Галкина – Краснаја, остварив средба со советскиот академик Владимир Попов, врвен познавач на балканските прилики меѓу двете светски војни. Во дваесетите години на минатиот век тој бил дописник на весникот “Известија” од Виена и блиску соработувал со бугарскиот револуционер Георги Димитров. Со негова помош Малина била префрлена во Москва каде што станала доцент по политички науки. Нејзиниот татко Стефан Поп Иванов, исто така истакнат револуционер, бил ликвидиран во тогашните сталинови чистки, а Малина, како ќерка на државен непријател, прогонета со семејството во Сибир. Според стариот академик Македонија на големите сили и балкански држави им служела како паричка за поткусурување, а нејзината историја продолжително се прикрива и фалсификува и по создавањето на сопствена држава. Тоа било повод да напише книга за македонското ослободително движење, кое што од познати причини не смеел да ја објави во советскиот сојуз, но изрази спремност доолку добие можност да ја посети Македонија ракописот и целокупната сочувана документација да ја депонира во МАНУ. За жал, неколку месеци по нашата средба тој почина во една од московските клиники и неговата желба остана неостварена. 

Инаку, во тој “Брежњевски период” немаше ден, а некој советски весник да не пренесе од Софија одбележување на некој настан или личност од македонската историја, претставени како дел од “славното бугарско минато”, а, редовно се случуваше на големиот Московски саем на книгата, бугарскиот штанд да биде накитен со десетици трудови во кои највулгарно се фалсификуваше и се присвојуваше македонската историја и култура. Кога македонските издавачи ќе вложеа протест поради ваквите провокации, барајќи тие книги да бидат повлечени од изложбените салони, домаќините немоќно слегнуваа со рамениците објаснувајќи дека сето тоа е сторено по налог на советските државни органи.

 Така што некои денешни политички очекувања оти приклонувањето кон Москва и политиката на Путин ќе ја зацврсти нашата државна стабилност и ќе помогне да се исправат одредени историски неправди, не само што се илузорни, туку покажуваат отсуство на елементарна грамотност за современите меѓународни процеси и за сопствените државни и национални интереси.

 Ако се знае дека Македонија е опколена со три натовски членки, а на Косово се наоѓа најголемата американска воена база тогаш каква корист би имала Москва од Македонија освен како српски прилепок да послужи како детонатор во еден евентуален поширок балкански пожар? Од кој што тешко може да се поверува дека таа би можела да преживее како самостојна државна творба!

Сподели: